-Еј! Слушаш ли?
-Не! Што да слушнам?
-Нормално дека не слушаш кога цело време шумолиш Трееа! Дури и кога нема ветар! Молчи и слушај…доаѓаат!
-Доаѓаат? Да? Успеавме да ги повикаме? Леле Арбор не ми се верува! Ќе правиме камп, ќе правиме камп, ќе правиме камп…
-Сериозно, престани да шумолиш и број! 86, 87, 88 а не, тоа е возрасен, 87 пак, а еве сега 88…-А каде се Арбор, каде ги броиш?
-Проаѓаат крај дрвениот знак Догвилл покрај патот, покрај другар ми Буум и се упатуваат кон сред село Кучково.
-Другар ти се вика Буум?
-Да, Трееа, Буум се вика, од Холандија е и тоа сега е тотално небитно! Фокусирај се на броење! 90! 90 деца се! Спремај се за камп Трееа, доаѓаааат, доаѓааат!
И Арбор силно и долго ја гушна Трееа. Дали да ја замолчи или пресреќен од сознанието дека сред село Кучково, денес на 27.10.2019 се собраа 90 деца на возраст од 2 месеца до 13 години во придружба на своите родители и водичите на ЗПСК Макпетрол. Сликата беше за во рамка. Да се стави во Музејот на безвременски слики и случувања во Догвилл. Засекогаш ќе остане таму. Покрај селската чешма со кренати раце и широки озабени насмевки на 90тина деца и нивните родители.
Појдоа по немаркиран пат кон крстот над Кучково ( 695 мнв ), за кој самите деца правилно одлучија дека е вистинскиот до првата пауза на широката излетничка полјана. Продолжија до крстот по кратка пауза, а потоа, потоа отидоа да ги запознаат Арбор и Трееа и да научат како да направат камп заедно со нив.
Поставуваа шатори заедно со водичите, ги гушкаа Арбор и Трееа и нивното семејство и пријатели додека врзува хамоци, ги радуваа со гласното смеење и беснеење. Дури ја надвикаа и Трееа. Трееа после тврдеше дека била задишана од што ги нишкала хамоците, па не можела да зборува. Но не беше така, беше превозбудена, не и се веруваше колку радост може едно дрво да поднесе. И децата и дрвјата внимателно слушаа кога водичите им објаснуваа за што служи шатор, подметач и вреќа за спиење. Што е горилник и лесни камперски предмети за приготвување на храна во планински услови и како безбедно се прави огниште на средина на кампот. Се влечеа со јаже и ги победија родителите од другата страна на јазолот пеперутка. Добија награда. Не оставија ѓубре зад себе, дури оставија почисто од што најдоа. Заминаа по друга патека. Покрај манастирите назад кон селото. И се случи тишина како никогаш да немало камп на Јазвиње. Но не беше така. Местото никогаш повеќе нема да биде исто. Арбор и Трееа не беа веќе исти. И децата и родителите. Земаа дел, оставија дел од себе. Трееа долго пресреќно шумолеше откако си заминаа децата. Арбор молчеше насмеан.
-Каков ден Арбор!