ПЛАНИНАРСКИ СПОРТСКИ КЛУБ МАКПЕТРОЛ СКОПЈЕ
Ве поканува на планинарска акција
 
Родители и деца во епизодата: Арбор и Трееа од Догвилл
 
Опис на акцијата: Ова е приказна за Арбор и Трееа од Догвилл и нивната голема неисполнета желба. Арбор и Трееа живеат малку над Скопје. Јадат, пијат, играат, учат, спијат и растат. Си зборуваат со нивното големо семејство, се радуваат на дождот, се греат на сонцето, се милуваат, учат, работат, шумолат на ветрот, се смрзнуваат, бррр, но многу го сакаат снегот, особено кога ги облекува во бело, плачат кога ќе ги повредат, тагуваат кога ќе слушнат дека нивни далечни и блиски роднини и пријатели ги нема повеќе. Имаат многу убав и исполнет живот. Многу ги сакаат луѓето, децата, животните, птиците и инсектите. Им помагаат, ги штитат и засолнуваат, ги држат кога спијат, им го покажуваат патот, среќни се кога ги скокоткаат додека се качуваат по нив, им ги простуваат сите неправди што им ги нанеле. И имаат една желба. Да кампуваат. Ете баш тоа сакаат. Да бидат кампери! И точка. Да седат во круг и да си раскажуваат приказни. Да шушкаат додека се смеат. Доста им е веќе од тоа, луѓето и децата да се плашат од нивните сенки додека љубопитно ѕиркаат во шаторите на камперите и планинарите. Арбор и Трееа се дел од нашето цело. Арбор и Трееа се дрвја. И многу се тажни кога ги сечат и палат, но и кога немаат надвиснато над шатори долго време.
Затоа, дојдете да поставиме камп во прекрасната шума над Кучково, кај месноста Јазвиње. Таму живаеат убавите дрвја Арбор и Трееа, нивното семејство и пријатели. И нé чекаат да направиме вистински еднодневен планинарски камп. Со шатори, со хамоци, вреќи и подметачи, со смеа, игри и дружење. Да ја исполниме нивната голема желба.
 
Должина на патеката: 5 km.
 
Висинска разлика: 135 m.
 
Стартна точка: Селската чешма во с. Кучково (сред село) на 560 m.
 
Опис на патеката: Се наоѓаме кај селската чешма сред село Кучково. Во колона се упатуваме кон месноста Јазвиње над селото, каде се наоѓа крст на 695 m. Се движиме по макадам пат кој над селото минува низ тревнат терен лесен за совладување и за најмладите учесници. Потребното време за пристигнување до шумата во околина на крстот е очекувано да биде околу час до час и половина. Активностите околу поставувањето на кампот, именувањето на водичи од редовите на поголемите деца-учесници, игрите за заштита на животната средина и стекнување нови вештини за самостојно кампирање ќе траат отприлика три до четири часа. По собирање на кампот, продолжуваме назад кон селото по друга патека која води покрај манастирите Св. Атанас и Св. Недела. Пристигнуваме назад на стартната точка за час до час и половина. Патеката е кружна.
 
Напор: Патеката е лесна, со брзина прилагодена на способноста на учесниците.
 
Времетраење на акцијата (вкупно): 6-7 часа
 
Опрема (задолжителна / препорачана):
• Ранче
• Простирка, ќебенце или подметач
• Планинарски чевлички или високи патики
• Облека соодветна на времето, капа, ракавици, облека за преслекување, очила за сонце, крем со заштитен фактор.
 
Храна: Од ранец (сендвичи, чоколадо, житарки, суво грозје…) Вода 1л. Вода има во село Кучково и кај крстот над селото.
 
Тргнување од: Акцијата започнува во 09:00 часот од чешмата во Кучково. До тука сообраќа мини бус на ЈСП со број 164, кој поаѓа од Волково. На страната на ЈСП може да се провери возниот ред по станици.
 
Планинарски водичи: Јовица Апостоловски, Ирена Диков, Христифор Саракинов, Љубица Матевска, Велимир Граорковски
 
Цена: /
 
Пријавување: ЗАДОЛЖИТЕЛНО најдоцна до петок, 25.10.2019
 
Лица за контакт: Јовица Апостоловски 070 864 555, Ирена Диков 070 325 618, Христифор Саракинов 071 333 263, Љубица Матевска 071 390 626, Велимир Граорковски 078 260 617
 
Напомени:
 
• Во случај на неповолни временски услови акцијата навреме ќе биде откажана
• Учесниците во акцијата се должни да ги почитуваат насоките на водичите. Во спротивно самите се одговорни за несаканите последици.
• Водичите имаат право да исклучат учесник/-ци на акцијата на почеток или во текот на акцијата доколку не ги почитуваат објавените насоки, не ја поседуваат соодветната планинарска опрема и не ги почитуваат насоките на водичите.
• Водичите го заддржуваат правото на промена на условите на објавената акција согласно условите на теренот.