Во последните години Проклетије е еден од најпосетуваните планински масиви на Балканот. Проклетије е релативно блиску, но е ретко посетувана дестинација од македонските планинари. Од Скопје до долините Гребаја и Ропојана во Црна Гора и до долината Валбона во Абанија има околу 270 км. Од Скопје до долината Тет (Theth) во Албанија има 360 км.

Името Проклетије воопшто не соодветствува со неговите убави врвови и предели. Од долините во пазувите на масивот тргнуваат многу обележани патеки кон високите, на лик, вистински алпски врвови.

Доцна вечерта, на 27 септември, петок, стигнавме во Вусање, мало село на почетокот на долината Ропојана, во Црна Гора. Утредента, околу 6 часот наутро, видовме каде всушност стигнавме. Како што утринската магла постепено исчезнуваше, полека се откриваше убавината на долината Ропојана. Сонцето почна полека да ја осветлува големата долина, со надвиснати високи врвови од лево и десно, а во далечина, на крајот од долината, како влезна порта, се издигаа 2 остри врва. Нестварно.

Обележаната патека кон Зла и Добра Колата, двата највисоки врвови во Црна Гора, почнува од селото Вусање, кое се наоѓа на 1.000 метри надморска височина, и води по земјен пат, кон исток. Патеката е дел од долгата планинарска патека „Peaks of Balkans”, која опфаќа врвови во Албанија, Косово и Црна Гора, многу популарна кај планинари од странство. Потребно е внимателно движење поради честите одвојувања од главната патека. Патеката води покрај Беличкиот поток и овчарско бачило и се одвојува од патеката „Peaks of Balkans” кон југ, на околу 1.700 метри надморска височина, над последниот извор по целата патека. Од рамната ливада Qafes Borit (1.800 м.) каде што кампуваа германски планинари, патеката води преку камени куполи во огромниот цирк под врвовите Зла и Добра Колата. Покрај патеката има и пештера од која струи ладен воздух. Од седлото на 2.040 метри, патеката се разделува на две патеки, една кон исток, кон врвовите Зла и Добра Колата, и другата кон југ, кон долината Валбона, во Албанија. Од тука е потребно внимателно движење по стрмните и експонирани камени и тревнати полици. Во кулоарите под обележаната патека (од десна страна) има јазици од заостанат снег. Од седлото на 2.500 метри водат три патеки до три врва, два во Црна Гора и еден во Албанија. Едната патека води кон југ, кон Зла Колата (2.535 м.), највисокиот врв на Црна Гора; втората, слабо обележана патека, води кон север, по сртот кон врвот Добра Колата (2.528 м.), втор по височина врв на Црна Гора, а третата патека, кон врвот Maja e Kollatës или Рамна Колата (2.556 м.), врв во Албанија, води кон северо-исток.

А, од врвовите? Од врвовите се гледа целата величенственост на масивот Проклетије. Високи врвови, длабоки долини, снежни јазици, пештери.

По кажувањата на црногорските планинари имињата Зла и Добра Колата се линвистичка комбинација на српско-хрватски и албански и зборови: „Зла“, „Добра“ и „Колата“ што значат „Лошо и добро пасиште“. Според други објаснувања, зборот „Колата“ е изведба на зборот „Колец“ (стап, громада, куп).

До врвовите Зла, Добра и Рамна Колата може да се стигне од три страни: од запад, од Вусање од Црна Гора (11 км., 1.600 м висинска разлика), од исток, од Ќерем, село над долината Валбона, од Албанија (12 км., 1.500 м. висинска разлика) и од југ, од долината Валбона во Албанија (8 км., 1.600 м. висинска разлика)

Патеката до двата највисоки врвови на Црна Гора е напорна и тешка, на места експонирана и многу стрмна и се препорачува за добро подготвени и искусни планинари. Времетраењето на целата тура до врвовите и назад, со одмори трае околу 12 часа, се изминуваат околу 22 км, и висинска разлика од 1.600 м. D+.

Во 2018 година, Црна Гора спровела повторно мерење на територијата, кога се именувани нови највисоки врвови: Зла Колата (2.535 м.), Добра Колата (2.528 м.), Маја Росит (2.525 м.), сите три на Проклетије и, Боботов Кук (2.523 м.) на Дурмитор.

Од селото Вусање во Црна Гора, може да се искачат многу врвови во околината: врвовите Бора, Ќемен, Бјелиќ, врвовите Маја Арапит, Маја Росит, Маја Бојс и подалечниот Маја Језерце, врвовите во долината Гребаја. Во околината може да се посетат локалните атракции: водопадот Грља, Алипашините извори, езерото Сиње око, Ропојанско и Плавско езеро. И, може да се пробаат локалните специјалитети: качамак, пити, сирења, месо.

 

Вусање и долината Ропојана

 

Зла Колата во позадина

Добра и Зла Колата

По камените полици кон седлото

Зла Колата

Добра Колата

Рамна Колата