„Јабланица? Значи одиме на Горна Белица, Црн Камен и Вевчанско Езеро? Не, оваа акција нема многу врска со тој дел од планината, ќе се одвива малку по на север по најмалку исто толку живописни предели.“ Всушност слична приказна, но во поголема длабочина – како што целата планина е помалку е афирмирана во однос на Галичица и Охридското Езеро, така и делот што гравитира кон врвот Стрижек, со атарите на селата Лабуништа и Подгорци е помалку познат од оној на Црн Камен и Вевчани. Врвот Стрижек, чие што потекло на името претставува мала енигма, и околните глацијални езера и долини, претставуваат уште еден доказ дека Јабланица личи на мала симпатична верзија на Шара. Всушност во поглед на ледничките езера таа е втора планина по значење во Македонија.

Акцијата започна релативно доцна, во околу 9.00, но поради долгото патување од Скопје преку Дебар до Лабунишки Бачила (1650 м.н.в.) до каде што има асфалтен пат, тешко дека и можеше порано да се тргне. Во најголем дел групата се движеше по солидни патеки и по земјен пат што ги поврзува Лабунишки Бачила со помалите Лабунишки Езера и со поголемото Подгоречко Езеро (најголемо езеро на Јабланица и едно од најголемите леднички езера во Македонија воопшто). Овој дел од планината е питом и во моментите кога требаше да се скрати, одењето по беспатје не беше проблематично. Секако за да не биде се стопроцентно едноставно, се погрижи спустот од Стрижек до почетната точка.

Релативно лесна и кратка акција по предели што покажаа дека можат да му пркосат на сушното лето. Она на што оваа планина не е имуна е секако влијанието на човекот за кое што многу е потенцирано во светски рамки. Еден осврт на актуелните и потенцијалните загрозувања на овој дел од Јабланица може да прочитате од постот на учесник на акцијава.

Фотографии со детали:

Почеток на акцијата од Лабунишки Бачила. Околу бачилата и по текот на патот што води кон нив има изградено многу нови куќички и кога човек првпат ќе ги посети добива впечаток дека се работи за викенд населба.

Над Лабунишки Бачила се надвиснуваат карпите на областа Голубов Камен.

Од Лабунишки Бачила има краткотрајно движење по шума, земјениот пат што води кон Лабунишки Езера брзо врти нагоре и за помалку од еден час се стигнува од 1650 м.н.в до 1950 м.н.в.

Попатно од десната страна Стрижек станува се поизразит.

Покрај поголемото од двете лабунишки езера.

Земјениот пат од неодамна е продолжен од помалото лабунишко езеро до Подгоречко Езеро. Но за да се стигне до таму, мора да се искачи превојот помеѓу езерата кој веќе ја надминува границата од 2000 м.н.в.

На спуштање од превојот почнува да се забележува Подгоречко Езеро. Во далечина се гледа сртот што води кон Црн Камен (2257 м.н.в.), највисокиот врв на Јабланица.

Мирната површина на Подгоречко Езеро. Во овој период од годината водата е малку повлечена и на површината можат да се забележат алги.

Северните страни на езерото се подлабоки и се погодни за капење.

Стотина метри над езерото се наоѓа патеката што траверсира под главниот срт на планината. За да се стигне до неа постои варијанта да се скрати веднаш нагоре или да се заобиколи езерото и да се направи поголем круг за постепено да се фати приклучок до патеката. Групата се одлучи за првата опција.

Дел од превојот помеѓу Лабунишки Езера и Подгоречко Езеро виден од спротивната страна.

Главната патека продолжува на југ и проаѓа стотина метри над поголемото лабунишко езеро.

Овој дел од патеката беше богат со боровинки, па мораше неколкупати да се направат специјални паузи за собирање. Беа сретнати и неколку групи берачи.

Ех да може оттука да се скокне на Стрижек. Иако делува далеку, всушност врвот е на дофат бидејќи патеката не се качува ниту спушта премногу.

Преку границата со Албанија. На албанска страна Јабланица е веќе прогласена за национален парк заедно со соседната планина Шебеник. Би било извонредно тоа наскоро да се случи и од македноска страна бидејќи планината тоа наполно го заслужува.

И на албанска страна има неколку езерца.

Ледничката долина на север кон селото Јабланица. Крајно лево се гледа врвот Радуч (2084 м.н.в.) последниот од неколкуте врвови на планината над 200 м.н.в.

На гребенот кон Стрижек – пристапување од западната страна.

Поглед кон Струга и Охрид со езерото.

Поглед кон Лабуниште и почетокот на езерото Глобочица.

Целата група на врвот Стрижек. Во тие моменти започна малку повеќе да дува, и потсети дека можеби врвот го добил името поради „стрижењето“ на ветрот.

Движење по источниот гребен на СТрижек пред стрмниот спуст, со поглед кон Охридско-Струшката котлина.

Спустот кон Лабунишки Бачила.

цееврев