Честопати, на пат кон планините во Црна Гора, поминувавме покрај Рожаје, град во Црна Гора на границата со Косово. И сме биле воодушевени од врвовите околу градот. Црногорските пријатели ни кажаа дека на планините Хајла и Жлијеб го има многу реткото алпско растение Рунолист (Edelweiss) и тоа ни беше повод на 17 август 2019 да тргнеме во истражувачка акција на источните делови на Проклетије, која ја нарековме „Во потрага по Рунолист“.И бевме воодушевени. Не само од цветот кого го има во изобилие, туку и од убавината на природата и од љубезноста на луѓето.

Планинската тура почнува од планинарскиот дом „Гропе“, на 1.890 м, до кого се стигнува на неколку начини: од Рожаје преку селото Банџов на 1.760 м.; со џип по лош земјен пат по исечокот од патот Рожаје – граничен премин Кула – Пеќ, или од долината Ругова во Косово.

Обележаната патека почнува од пространите тревнати ливади на Брахимов брег каде што е домот „Гропе“ и води низ ниските борови „Кривуљ“ кон карпестиот гребен на Хајла каде може да се видат цветовите Рунолист. Од седлото под Хајла, на околу 2.200 м., патеката води по јужната стрмна падина на Хајла по која треба внимателно движење. На врвот Хајла (2.403 м.) има место за стоење и седење, но е потребна внимателност бидејќи северната страна на Хајла е длабок амбис. Од врвот се гледаат клисурата Ругова, градот Рожаје, врвовите Ахмица, Жлијеб, и други врвови на Проклетије, Комови, Бјеласица, Шар Планина и Кораб. Патеката од домот „Гропе“ до врвот Хајла е во должина од 6 км. во обата правци, со висинска разлика од 520 метри и со времетраење на искачување од околу 2 часа.

После слегувањето од Хајла, со џип не пренесоа до катуните Штедим кои се наоѓаат на широко, пространо и тревнато плато на 1.600 м. Покривите на катуните беа покриени со земја на која изникнала трева и гледајќи ги оддалеку, куќите беа стопени со околината. Пријателите ни кажаа дека кон врвот Ахмица (2.272 м.) ќе се гради скијачка жичарница околу која ќе има 10-тина км. скијачки патеки.

На 18 август 2019, околу 7 часот наутро, тргнавме кон планината Жлијеб на која има два повисоки врвови, Жлијеб (2.365 м.) и Русолија (2.382 м.). Од падините на Жлијеб (во Косово) извира и реката Бел Дрим која во Албанија се спојува со Црн Дрим и како река Дрини се влева во Јадранско Море.

Планината Жлијеб е богата со боровници, рибизли, малини, јагоди кои ни го успоруваа движењето по обележаната патека, чии ознаките беа покриени со висока бујна трева. Врвот Жлијеб (2.365 м.) е тревнат, со карстни делови меѓу кои растат стотици, илјадници цветови Рунолист. Нема каде да стапнеш, а да не нагазиш на цветот. На врвот седевме како на престол од кого под нас се гледаше цело Косово. Во катуните Штедим се вративме по кружна патека низ Рајската врата, каменит отвор во планината, низ кого, вели легендата, војниците во Првата Светска Војна повторно си ги виделе своите домови по години војување. Вкупната должина на патеката беше 11,4 км, висинска разлика од 800 м. и времетраење од околу 7 часа за целата тура.

 

За цветот Рунолист.

Тоа е ретко планинско цвеќе со бели цветови во форма на ѕвезда и со густи влакненца по стеблото и листовите, кои изгледаат како руно на овца. Латинското име на цветот е Leontopodium alpinum и потекнува од грчките зборови leon (лав) и podion (мала нога), бидејќи личи на лавја шепа. Цветот е познат и по имињата Edelweiss (англиски, германски), stella alpine dell’Appennino (алпска ѕвезда на Апенините, ита.), étoile d’argent (сребрена ѕвезда, фра.), flor de las nieves (снежен цвет, шпански), planika (сло.). Називот Edelweiss е германски збор составен од зборовите Edel (скапоцен) и weiss (бел). Рунолистот е строго заштитен цвет во алпските, дел од балканските, скандинавските и далекуисточните земји. Расте на варовнички карпи на  височина од 2.000 до 3.000 м. помеѓу јули и септември. Местата каде што расте рунолистот се стрмни и тешко достапни места и затоа пронаоѓањето на цветот бил  доказ на особена храброст.

Напишал и фотографии: Горан Николоски

 

Катуни Штедим (централно), Ахмица (горе лево), Хајла (централно горе)

 

Хајла (2.403 м.)

 

Катуни Штедим

Жлијеб (2.365 м.)

Рунолист на Жлијеб

Рунолист, одблиску

Жлијеб (2.365 м.)