Август е месец на Рила планина. Најубаво време за посета на оваа планина со највисокиот врв на Балканот. Го искористивме продолжениот викенд за оваа акција. Во петокот – 2 август релаксирано допатувавме до Самоков, се сместивме во пристоен хотел и потоа продолживме до Боровец. Неколку часа поминавме во разгледување на овој убав хотелски комплекс кој изгледа сосема поинаку во летниот период.

Рано утредента бевме меѓу првите на жичарата која не издигна до 2300м.н.в. – до Јастребец. Отаму се упативме пешки по изохипса до пл. дом Мусала на 2389м.

По краткиот одмор започнавме со искачување кон врвот по летната патека. Кога пристигнавме на 2700м до пл. дом Еверест временските услови се променија. Сонце, јак ветер и ситен дожд често се сменуваа. По паузата во домот сепак се упативме кон врвот.

Честитање, фотографирање и краток одмор и потоа враќање.

Ветерот се засили и до 50км/час. Кај пл. дом Мусала ветерот се стиши и без проблеми стасавме до жичарата. А кога се качивме во кабинките се истури дожд и згрмеа громови! Се спуштивме навреме долу во Боровец. Таму не чекаше минибусот и задоволни се вративме во хотелот. Вечерта се дружевме во “Шопска срешта” каде со убава вечера и песни го завршивме успешниот ден.

Рано наутро следниот ден заминавме кон 7 Рилски езера. Дел од екипата се упативме пешки до пл. дом на 2000м а другиот дел од екипата се искачија со жичарата. Од домот заедно сите појдовме нагоре во разгледување на езерата.

Во центарот на круговите каде Дановистите го изведуваат својот ритуал.

Глетката е извонредна, неописива убавина. Поголемиот дел од екипата се искачи над последното езеро до камбаната на желбите на 2650м. Околу 16ч бевме долу кај минибусот и заминавме за Скопје.

Планот го исполнивме, учесниците задоволни. Благодарам за учеството. Се гледаме на некоја следна акција.