„Среќна Нова 2076 година“, пишуваше на аеродромската зграда во Катманду.  За 1 милисекунда се најдовме 57 години понапред во времето (според непалскиот календар). И, како изгледаше иднината? Хаос од луѓе и возила, нови и разрушени згради, крави кои преживаа среде улица, ѓубре насекаде и загаден воздух. А, на планина – убавина. Црвени рододендрони, бели глечери, чист воздух и високи врвови.

Патот кон Хималаите ни започна на 22 април 2019, кога на аеродромот во Скопје се појавивме со по 30 килограми тешки транспортни торби и ранци во кои имаше експедициски чизми, вреќа за спиење до минус 39˚целзиусови, цепини, дерези, јакни со пердуви, но и со патики и маици со кратки ракави. Колку што е врело во Катманду (+30˚С), толку е ладно на врвот Мера (-30˚С).

Во Катманду ги наместивме часовниците за плус 4 часа и 45 минути од времето во Македонија, и ни започна авантурата. А, авантурата почнавме да ја планираме 2 години порано. Истражувавме за врвот Мера и физички, финансиски и логистички се подготвувавме: искачувавме планини во сите сезони, собиравме пари и опрема, купувавме авио карти, преговаравме со непалски водичи.

„Во Непал не летаме низ облаци, бидејќи, најчесто во нив има планини“, велат непалските пилоти, а како потсетување дека Лукла е еден од најопасните аеродроми на светот, покрај малата аеродромска писта лежеше срушен авион. За помалку да се гледа, го покриле со платна.

Во Thamel, стариот дел на Катманду, се најдовме со Ngatumba Sherpa (Нати), нашиот водич по хималајските височини, а во Лукла (2.850 м.) со нашите носачи. До „нашиот“ врв Мера водат две патеки од Лукла. Една, преку преминот Чатрва Ла (Zatrwa La), на 4.610 метри, кој е опасен, не само за искачување, туку и за аклиматизација бидејќи нагло се добива во височина. И втората патека, по заобиколен пат, преку Паја (Paiya), Пангом (Panggom), Рамаило Данда (Ramailo Danda) и Четра Кола (Chhеtra Khola) која е подолга, но е подобра за аклиматизација, бидејќи искачувањето е постепено. Ние ja одбравме подолгата патека и пролетната сезона кога подножјето на Хималаите е обоено со црвени рододендрони и бели магнолии. И сета таа убавина беше само за нас бидејќи со денови сами пешачевме низ мистичната шума.

Над Пангом, во далечина, првпат го видовме „нашиот“ врв Мера. Ние опкружени со рододендрони, а „врвот“ покриен со снег и глечери. „Е, па драги пријатели, таму горе треба да се искачиме“, си рековме насмеани и продолживме понатаму.

Без помош од локалното население, главно од народот Шерпа, тешко би се реализирале хималајските експедиции. Во 30 милионскиот Непал, има само 150.000 припадници на народот Шерпа, кои живеат од учество во експедициите и работа по планинските домови. Нашиот водич Нати Шерпа беше силен, но ќутлив и слабо го владееше англискиот јазик, и секогаш ни се обраќаше со почит. Дури и денес, и-меил пораките ги започнува со „Goran Sir“. Нати (26) веќе три пати бил на врвот Мера, по еднаш на врвовите Island Peak и Lobuche, и се надеваше дека набрзо ќе оди и на Монт Еверест. За помош при искачувањето на врвот Мера, Нати го повика брат му Тенди (34). Тој веќе 16 пати бил на врвот Мера (2 – 3 пати во сезона). А, третиот брат на Нати, моментално бил дел од експедиција за искачување на Монт Еверест.

 

Од Коте (Kothe) на 3.600 м. нагоре, кон Тагнаг (Tagnag) на 4.360 метри, повеќе немаше дрва, туку се движевме низ издлабеното корито на реката Хинку, а околунас се надвишуваа огромни врвови. Каре (Khare) на 5.045 м., е последната населба со цврсти градби на патот кон врвот Мера.

Во трпезаријата во домот „Refuge Mera“ во Каре, заинтересирано слушавме што зборуваа другите водичи, бидејќи нашиот Нати не беше многу зборлив. Но, и зборливоста на водичот не гарантира успех на експедицијата. Зборливиот непалски водич на група планинари од Австралија, Полска и Велика Британија, кој по изговорот на англискиот јазик во однос на нашиот Нати изгледаше како универзитетски професор, сепак во наредните денови не успеа да ја изведе групата на врвот поради тоа што пропуштија добар ден за качување. Во домот „Refuge Mera“ има опрема за изнајмување колку во една продавница: чизми, вреќи за спиење, јажиња, шлемови, очила, планинарски стапчиња, четкички за заби термоси, скии … и нешто што личеше на ланци за автомобилски гуми (?)

Ноќта пред финалното искачување на врвот Мера, во шаторите во високиот камп на 5.800 м., ја поминавме како во бунило, без сон, со главоболка, без апетит. Нашите шатори беа поставени на ивица од камена полица, до распукан глечер, но ние бевме концентрирани, не на амбисот под нас, туку на врвот над нас. Кон врвот тргнавме рано наутро, во 2:30 часот. Патеката води низ глечер, чии пукнатини ги прескокнувавме или заобиколувавме. Ние тројца, во наврски со водичите Нати и Тенди, на 3 мај 2019, во 8 часот наутро, се искачивме на врвот Мера. Всушност, има три „Мери“: Мера Југ (6.065 м.), Мера Централ (6.461 м.) на кого се искачивме, и Мера Север (6.476 м). Од врвот Мера Централ, на кого што цело време бевме врзани за сидриште за да не се стркаламе надолу, се гледаа Еверест, Макалу, Барунце, Чо Оју, Лоце. Поради силниот ветер, студот и истоштеноста, на врвот бевме како роботи: „Застани, сврти се, намести се, сликам“. А, Нати и Тенди насмеани и без никаков напор скокаа во воздух од радост.

Месеци и години подготовки за 15 минути на врвот. И, каде е тука задоволството, ќе праша некој? „Задоволството е во патот до целта, а не во самата цел“. Во себеоткривањето, во љубопитноста, во запознавањето нови луѓе и простори. Видовме дека сме јаки и дека можеме и повисоко, запознавме и непалци и странци, планинаревме низ еден од најубавите предели на Хималаите.

Истиот ден слеговме во Каре на 5.045 м., а наредниот ден во Коте на 3.600 м. За побрзо да стигнеме до Лукла, требаше да се искачиме преку преминот Чатрва Ла на 4.610 метри. „Авантурата продолжува“, рече Климентина и секој со своите мисли, тргнавме нагоре со бавно темпо. Спиевме во Тули Карка (Thuli Kharka)  на 4.300 м. каде што се запознавме со млади непалци кои во Катманду произведуваат облека (бренд Gangri) и ја продаваат преку интернет. А, работата во нивниот Lama Lodge на 4.400 м. им е „релаксација“, како што самите рекоа. Преминот Чатрва Ла е опасен, поради ронливиот терен и замрзнатиот снег на неколку стрмни делници од патеката. Стрепевме како младите носачи со голем товар на грбот и без дерези ќе поминат, но, тие, насмеани, како да поминуваа низ цветна ливада, претрчаа низ стрмниот терен.

Во Лукла се вративме после 13 дена откако поминавме вкупно 101 км и искачивме вкупна надморска височина 10.403 м. D+ (повисоко од Монт Еверест, 8.848 м.). Во однос на местата каде што престојувавме во претходните денови, Лукла изгледаше како велеград; аеродром, хелиодроми, болница, продавници, кафулиња, интернет, планинари од сите страни од светот.

За разлика од порано, денеска е променет начинот на престој на Хималаите. Денеска има многу повеќе планинари, повеќе сместувачки капацитети, повеќе водичи и носачи, а хеликоптерите не будеа секое утро. Сместувањето до 5.100 метри, наместо во шатори, е во цврсти градби – планински домови (lodges), во кои има соби со два и повеќе кревети, струја, тоалети, интернет (Wi – Fi), трпезарија со добра храна (тестенини, супи, месо, зеленчук, чаеви), дури и кроасани, Виенска шницла, виски и вино … веројатно за прославување на успешно искачување. Од една страна, таа голема комерцијализација пречи, но, од друга страна, имго олеснува животот на непалците и престојот на планинарите на Хималаите.

А, во Катманду дури и уживавме во хаосот по неговите улици, а посебно во храната: Мо-мо топчиња од месо и зеленчук завиткани во тесто, непалски специјалитет Dal Bhat, пржен ориз со зеленчук, пиво Еверест. Во и околу Катманду посетивме убави храмови, дел, за жал, разрушени во земјотресот во 2015 година: кралската палата во Патан (Patan), Храмот на мајмуните (Swayambhunath), големата пагода Боуданат (Boudhanath), храмот Пашупатинат (Pashupatinath), петспратната пагода (Nyatapola Temple) во Бактапур (Bhaktapur).

Дали ни беше интересно во текот на експедицијата? Многу. Слетувањето со малото авионче во Лукла, планинарење низ расцветаните рододендрони, белите мајмуни кај Ningsaw, роденденската торта во Коте, дружењето со планинари од цел свет, шаторите над амбисот на 5.800 м., кога се загрнавме на врвот Мера, кога избиравме оброци од исто мени 15-тина дена по ред, кога одевме околу големата ступа во Храмот на мајмуните, кога купувавме сувенири, кога нашиот непалски водич Нати на македонски ни велеше „Ајде, ајде“, а ние се смеевме на „Дан ‘е бат“ (благодарам на непалски јазик).

Дали ни беше мачно? Да. Ослабевме и по 8 кг, лошо спиевме на височина, бевме истоштени од напор, настинавме, беше топло во Катманду, а ладно на Хималаите.

Дали повторно би отишле на Хималаите? Секако. „3 Passes“, Лантанг, Мустанг, Тибет.

Напишал: Горан Николоски

Фотографии: Горан Николоски, Климентина Тунтева, Нгатемба Шерпа

 

Катманду

Лукла

Свети камења Мани

Аклиматизација и тренинг

Висок камп (5780 м.)


Врв Мера Централ (6.461 м.)

Слегување од врвот Мера

Изнајмување на опрема во Refuge Mera, Каре

 

Lodge, планински дом, Коте

 

Мени во планински дом

Припејд интернет картичка

 

Рододендрон

 

Ступа во Катманду

 

Молитвени тркала

Nyatapola храм

 

Златен трон со Нага фигури во палатата во Патан