Мислевме дека адреналински ќе ни биде само кањонингот низ Шкурда, но целото патување до Црна Гора испадна една голема авантура. Почнувајќи од филмското приведување криминалци на албанско – црногорската граница, ноќното возење по брегот на Јадранското море, планинарењето по карстните платоа на Субра и спуштањето низ 20-тина вертикали во тесниот кањон Шкурда.Во планинарскиот дом „За вратлом“ на 1160 м. на планината Орјен, над Херцег Нови, стигнавме доцна во ноќта со помош на возилото на нашиот пријател Влатко Контиќ (Montenegro Adventure и ПК Балкан Монтенегро). Во домот не чекаа и пријателите од Црна Гора, приправници за планинарски водичи, кои организираа приправничка акција до врвот Субра на Орјен.

Во сабота наутро, во 9 часот, вкупно 16 луѓе, тргнавме кон Субра (1.679 м.). Орјен е планина на Динарскиот масив и се простира во Црна Гора, Хрватска и Босна и Херцеговина. Тоа е карстна и безводна планина, иако се наоѓа во една од најдождовните области во Европа. Планината во одредени делови е покриена со букова шума, а во одредени делови е гол карст. Има голем број длабоки дупки во карстот, како што е Николина Јама, длабока 188 метри, како и карстни платоа, испукани и избраздени од снег и дожд. Од врвот Субра се гледаше и целата планинска Црна Гора и морската Хрватска. Попладнето Маја Арсиќ Контиќ од Црна Гора ни одржа практично предавање за ITLS (International Trauma Life Support). Доцна попладне, приправниците за планинарски водичи ги завршија инструкциите со правење на огради од јаже.

Утрото, во недела, слеговме од Орјен над Херцег Нови, за да се искачиме на планината Ловќен, над Котор. Од паркингот среде Котор излеговме опремени како вонземјани, со појаси, шлемови, јажиња и ранци и тргнавме кон кањонот чиј влез е на околу 1 час искачување над Котор. Стартувавме нова авантура за која не подготви Влатко Контиќ, водичот во кањонот Шкурда. Низ кањонот поминува реката понорница Шкурда и се влива во которскиот залив. Колку што надвор беше сончево и топло, толку во кањонот беше темно и ладно.

А, што е кањонинг? Тоа е планинарење низ речно корито на планинска река при што препреките се совладуваат со одење, прескокнување камења и пливање. Екстремен кањонинг е сето тоа, плус користење на јажиња и опрема за обезбедување. А, кањонот Шкурда е со многубројни тесни ходници, ветикални камени ѕидови изделкани од водата, со камени базени со ладна вода, многубројни водопади, отвори во карпите. Првите неколку абзели (слегување по стрмна карпеста делница со јаже) ги правевме внимателно, за да не погрешиме која рака што прави, за подоцна тоа да го правиме поопуштено и со задоволство. Последните неколку абзели беа и највозбудливи. Со еден абзел се влегува низ камен отвор и се спушта по лизгавите ѕидови до камен базен со ладна вода. Со друг абзел се влегува во свиен тесен, вертикален ходник, а последиот абзел е длабок повеќе од 20-тина метри. Вкупно 19 абзели, со одмарање, со 900 слики, ние десетмина, ги поминавме за околу 5 часа. Излеговме од кањонот Шкурда со насмевки на лицето.

Патот кон Македонија низ Албанија и Косово ни помина во одмарање и потсетување на изминатите авантури.

Напишал: Горан Николоски

Фотографии: Горан Николоски, Петар Герасимов, Влатко Контиќ

 

Планинарски дом „За Вратлом“, 1.160 м, Орјен, Црна Гора

 

Субрини платоа, Орјен, Црна Гора

 

Субрини платоа, Орјен, Црна Гора

 

Субра (1.679 м.), Орјен, Црна Гора


ITLS (International Trauma Life Support) – предавање

 

Над Котор, Црна Гора

 

Прв абзел, Кањон Шкурда, Црна Гора

Кањон Шкурда, Црна Гора

 

Кањон Шкурда, Црна Гора

 

Кањон Шкурда, Црна Гора