Целодневна акција на 6.7.2019 (сабота) на највисоките врвови на планината Кораб, која ќе започне од летната караула (2100 м.н.в.) на источниот дел на Кобилино Поле во правец на превојот Мала Корапска Врата (2478 м.н.в.) од каде ќе се пристапи кон истоимениот врв што е трет по височина на планината Кораб и трет по височина во Македонија воопшто. По искачувањето, насоката на движење ќе биде кон Голем Кораб (2764 м.н.в.) и останатите врвови (Кота 2, Кота 3 и Радомирски Врв) од највисокиот срт на планината. Враќањето ќе се одвива по камењарот до превојот помеѓу Голем Кораб и Кепи Бард, а потоа повторно назад до Кобилино Поле.

Целта е во еден ден да се искачат Мала Корапска Врата (2732 м.н.в.) и уште неколку врвови над 2700 м.н.в. во зависност од спремноста на групата, како и временските и теренските услови.

Акцијата е многу напорна, посебно искачувањето на Мала Корапска Врата каде што пред врвот обично има незгодни остатоци од снег што не се топат преку летото. Поради тоа е препорачливо носење дерези и цепин, во спротивно на учесниците нема да им биде дозволено завршното искачување. Незгодни за искачување се и Кота 3 (2725 м.н.в.) и Радомирски Врв (2716 м.н.в.) каде што исто така може да има услови да се употреби опремата за движење по снег и по стрмен терен.

Доколку временските услови не се задоволителни, акцијата ќе се помести за следниот ден (7 јули, недела) или ќе се откаже.

 

ВОДАЧИ НА АКЦИЈАТА:

Велимир Граоркоски veljogr@yahoo.com, Ирена Диков

Цена: 600 денари во кои се вклучени и превоз со теренско возило до летната караула.

Пријавувањето ќе се одвива исклучиво преку е-пошта по правилото прв пријавен прв услужен до пополнување на превозот, со оставање контакт телефон за секој учесник поединечно. Потврдувањето ќе биде извршено по уплатата најдоцна до 4 јули (четврток). Пријавените учесници ќе бидат контактирани за деталите најдоцна еден ден пред поаѓањето.

Поаѓање: во 04.00 од бензинската на западниот излез на Скопје. Ќе се договори и попатно собирање на учесниците. За учесниците од другите градови собирна точка е утоката на Мавровска Река со Радика во 05.45. Планиран почеток на искачувањето од летната караула е во 07.30. Враќање во доцните попладневни часови, но дефинитивно пред зајдисонце.

НАПОМЕНА:

– секој учесник е должен да ги почитува правилата и насоките на водачите, во спротивно сам е одговорен за несаканите последици;

– движењето се одвива во група предводена од организаторот и водачите;

– водачите имаат право да исклучат учесник уште пред стартот на планинарската акција доколку не ги исполнува наведените услови и не ја поседува соодветната планинарска опрема за предвидената планинарска акција;

– водачите имаат право да исклучат учесник од групата поради непримерно однесување (загрозување на општата безбедност и нарушување на животната средина);

– водачите го задржуваат правото на измени на терминот и текот на акцијата во зависност од временските услови или влијанија од друга природа.