Тоа беше собир на планинари од Србија на кој беа поканети и клубови од соседните држави. Собирот се одржа во околината на Косјериќ од 14 – 16 јуни 2019 година.

Нашата екипа од 4 члена одлучи овој настан да го искористиме за попатно разгледување на една убава дестинација – Специјалниот природен резерват УВАЦ. Затоа тргнавме од Скопје во четвртокот во 15 часот и се упативме кон Косово. Брзо го поминавме Косово благодарејќи на одличниот новоизграден автопат од Генерал Јанковиќ до Приштина. Потоа продолживме преку Косовска Митровица до граничниот премин Рибариќе. На прекрасното езеро Газиводе ја направивме првата пауза во одличен ресторан јадејќи тазе пастрмка од нивниот мал рибник.

 

Потоа продолживме преку Нови Пазар до градчето Сјеница каде имавме резервирано ноќевање во една пристојна куќа со гостољубиви домаќини.

Утредента се упативме кон резерватот Увац. Тоа е многу впечатлива природа која ви ја доловуваме со многу слики.

Околу 14 часот завршивме со разгледувањето и се упативме кон Ужице и Косјериќ каде пристигнавме околу 18 часот. Организаторите, ПСК Балкан од Белград не пречекаа и не сместија во убава селска куќа наменета за туризам. Домаќините беа мошне гостољубиви и не нагостија тие два дена со убава домашна храна.

Саботата осамна со многу сонце. Околу 10.30часот манифестацијата беше отворена и тројца од нашата екипа се придруживме на колоната планинари со кои пешачевме околу 24км на потегот водопад Скакавац – Црни врх – Дивчибаре – Велики Козомор – водопад Скакавац. И покрај топлото време убаво се изнапешачевме и се вративме дури попладне околу 17часот.

Вечерта имаше убаво дружење со музика и игра до доцните вечерни часови.

Неделата беше ден предвиден за планинско трчање. Имаше 3 трки со различна должина на патеката. Учествуваа тркачи од многу клубови и доста се намачија заради топлото време. Попладне, после прогласувањето на победниците манифестацијата беше затворена.

Благодарност до организаторот заради одличната организација на манифестацијата.