Реката Тара представува гранична линија меѓу Црна Гора и Република Српска. Тоа е извонредно убава река и околна природа со моќен воден потенцијал и едно големо средиште на адреналински спорт – рафтинг.

А непосредно над неа се издига висоравнината Вучево која продолжува во еден извонредно убав планински врв Маглиќ 2386м и исто така извонредно убаво Трновачко езеро под врвот.

И оваа година во група од 9 планинари престојувавме во кампот 3 воденици покрај реката Тара. Временскиот период беше така одбран да има прилично голем водостај на реката а истовремено надворешната температура да биде над 20 степени.

Поаѓањето од Скопје беше според планот во 22 часот на 23 мај 2019г. Брзо ја поминавме македонско – косовската граница и после Качаник се вклучивме на новиот автопат кон Липљан и потоа до Призрен. После Призрен ја поминавме и заедничката косовско – албанска граница и направивме мала пауза. Низ Скадар поминавме во раните утрински часови а пред Подгорица бевме пред зори. Ја сочекавме зората на една бензинска пумпа и потоа се упативме до водопадот наречен Нијагара.

Овој водопад е необичен и многу многу атрактивен! Направивме многу фотографии. Потоа влеговме во Подгорица и застанавме пред прекрасниот соборен храм посветен на Христовото воскресение.

За жал беше многу рано и после фотографирањето пред храмот продолживме со патувањето до манастирот Острог.

Во црквените простории во манастирот беше во тек богослужба и моравме да сочекаме таа да заврши за да влеземе во малата просторија во која се наоѓаат моштите на Свети Василиј Острошки и да се поклониме пред него.

Следно запирање ни беше во Пивскиот манастир кој е случај за себе: заради изградбата на хидроцентралата на Пивското езеро манастирот е буквално пренесен камен по камен на нова повисока локација од 1970 – 1982 година.

Возејќи се покрај Пивското езеро и поминувајќи многу тунели околу 13.30часот ја поминавме црногорската граница и влеговме во Република Српска и околу 14часот пристигнавме на целта – кампот 3 воденици.

Кампот е на убава рамна локација со огромен паркинг простор пред него и на зелена ливада. Сместувањето е во дрвени етно – куќарки. Во кампот има се она што е потребно за пристоен престој а храната е посебна приказна – одлични специјалитети и преобилни оброци.

Утредента во 5 часот се упативме кон Фоча каде се споивме со групата планинари од ПСК Балкан од Белград и заедно продолживме низ националниот парк Сутјеска до местото Локве од каде го започнавме нашето искачување кон врвот Маглиќ.

 

Не изненади количеството на снег на патеката. Затоа искачувањето се одвиваше бавно и тешко. Но бевме упорни и успеавме околу 14 часот да се искачиме на врвот. Се разбира радоста беше огромна и направивме многу фотографии. Потоа се упативме назад по истата патека.

Ако искачувањето беше тешко тогаш спуштањето беше и многу потешко и опасно. За среќа сите 26 учесници живи и здрави се спуштивме и се вративме во кампот.

Неделата беше ден за рафтинг. Тоа е високоадреналинско доживување кое неможе да се опише туку треба да се доживее.

Во понеделникот наутро после доручекот се упативме кон Скопје но по друга маршрута. Најпрво застанавме во Вишеград и го разгледавме Андриќевиот град, потоа бевме во посета на Дрвениот град на Кустурица и ручавме во Златибор. Патувањето го продолживме преку Нови Пазар и Косово до Скопје каде пристигнавме во 22.30 часот.