Традиционално за свадби во англиски говорни подрачја низ светот се искористува една рима. “Something old, something new, something borrowed, something blue, a sixpence in your shoe” што во превод би дошло, “Нешто старо, нешто ново, нешто позајмено, нешто сино, и паричка во кондурата”. Верувањето е дека невестата треба да ги вклучи сите овие во гардеробата или да ги носи со себе на денот на венчавката за среќа и благосостојба.
Нешто старо претставува континуитет, продолжување на традиција. Нешто ново симболизира оптимизам за иднината. Нешто позајмено е за среќата што ја позајмуваме, а нешто сино стои за чистота, љубов и верност.
Во саботата, на 01ви јуни, не бевме на свадба, туку на Плачковица, два часа источно оддалечена од Скопје. Со група од 25тина родители и деца се вртевме околу домот Вртешка, позајмивме фотографии околу фурните и земуниците на напуштеното старо истоимено село, разбудивме ново тивко ехо, наше или на Плачковица којзнае, направивме нов нефункционален мост, одличен за во кратката биографија на идните градежници во групица, имавме стара гардероба за преслекување оти мокри при проба на мостот, појдовме по стара полумаркирана неодржана патека за да се вратиме до домот Вртешка и да јадеме планинарски грав. Имавме нешто старо, имавме нешто ново, имавме нешто позајмено и нешто сино, освен небото, кое за среќа во дождливава сезона, остана чисто, верно и полно љубов.
А паричката прашувате? Камчињата во патичињата се важат?

До следната епизода најдраги наши, планинарски старо-нов, позајмен и син поздрав!

Ирена Диков