Во Македонија, па и пошироко, има многу населби со име Селце. Името Сенце што го носи преубавото горнореканско селце, сместено покрај Горни и Долни Сенечки Карпи над најтесниот дел од клисурата на реката Радика, кај некои од учесниците на акцијата за искачување на врвот Карбула предизвика мала забуна. Најверојатно мислеа дека се работи за ненамерна печатна грешка при објавата на акцијата и претпоставуваа дека кон Карбула ќе се тргне од малореканското село Селце, што ќе беше секако преголем потфат во услови кога на местото одредено за почеток на пешачењето шеснаесетчлената група пристигна во 10.15. Како и да е, Сенце е селце во вистинска смисла на зборот – мало, одвоено од цивилизацијата, неприметливо кога се патува од Маврови Анови кон Дебар, дури и малку воочливо на мапа. До пред неколку години немаше ниту асфалтен пат, што не ги спречуваше мештаните редовно да си ги посетуваат и обновуваат родните куќи, да се грижат за црквата и да започнат обновување на џамијата.

Сенце за момент стана познато како место во чија близина за прв пат беше заловен примерок на реткиот балкански рис за строго научни цели во 2010 година. Впрочем делови од потесниот реон на Сенце имаат големо природно значење поради различни причини како од апсект на фауната така и од гледна точка на флората и тие се прогласени за строго заштитени зони во НП Маврово. Поради овие причини, а и поради тоа што се бараше појдовна точка алтернативна на Галичник, Маврово или Болетин, ПСК Макпетрол реши да ја реализира акцијата за искачување на Карбула преку Сенце. Она што најмногу треба да се внимава кога му се пристапува на врвот во пролетниот период е можноста од големи количества снег заради северната експонираност. Поради тоа користењето на главната патека од Сенце до Галичник не е препорачлива во услови кога има длабок снег. Овојпат решивме да пробаме да се искачиме директно, но навреме утврдивме дека ќе „заглавиме“ во снегот уште од делот каде што патеката ја напушта шумата под Сенечки Рид и се определивме за побезбедната, но и понапорна варијанта – преку сртот од Езерски Врв (2014 м.н.в.) до Јарочкач (2027 м.н.в.). На крај, имајќи ја предвид информацијата дека патот Маврово-Галичник е конечно расчистен од снег, враќањето беше безбедно изведено кон Галичник каде што групата пристигна во 18.30 по околу 20 км пешачење по толку лесни услови. Во продолжение следат фотографии од некои клучни делови од акцијата.

На излез од Сенце (1150 м.н.в.) непосредно по почетокот на акцијата. Во позадина се гледаат Долни и Горни Сенечки Карпи кои ја формираат десната страна на кањонот Барич. Вкупната височина на карпите е приближно 700 метри (од речното корито на Радика на околу 800 м.н.в. до северните ограноци на Сенечки Рид на околу 1500 м.н.в.).

Веднаш над селото патеката (со штотуку подновена маркација) влегува во прекрасна иглолисна шума со интересни примероци како овој со „три стебла“.

Поради одлуката да не се користи патеката што се одвојува кон Галичник која што е во подобра состојба, но не е маркирана, групата сврте по обележаната патека што води кон крстопатот на северната страна од Сенечки Рид.

Првата поголема пауза близу крстопатот каде што се спојуваат патеки што доаѓаат од селата Сенце, Волковија и Беличица, како и патеката што почнува од месноста Тонивода (преку Чаушица, Езериште и Сенечко Езеро) покрај локалниот пат Маврово – Галичник.

Поглед на Сенце и кањонот Барич од северните ограноци на Сенечки Рид (1980 м.н.в.). Всушност Сенечки Рид е западното истурено врвче од едно поголемо плато што го сочинуваат уште и Езерски Врв (2014 м.н.в.) на северната страна и Голем Рид (2015 м.н.в.) на источната страна. Трите врвови воопшто не се доминантни и освен на мапа тешко можат да се издвојат во реалноста бидејќи и нивните ќулиња полека ги снемува.

Северозападната страна на Сенечки Рид (лево) и јасно видливата цел за тој ден – Карбула (во средината). Крајно десно се гледа делот од планината Дешат меѓу врвовите Голем Крчин и Веливар.

Искачувањето на Сенечки Рид иако стрмно, сепак ни заштеди време бидејќи во најголем дел не моравме да газиме длабок снег. Бидејќи се работи за изразит срт, ветрот не дозволил тука да се формираат поголеми наноси. Во позадина се гледаат и ограноците на планината Кораб и селото Нистрово.

Подоцна сртот се двои на два дела и наместо кон Сенечки Рид, групата продолжува кон Езерски Врв. Непосредно пред врвот се отвора погледот кон Сенечко Езеро, убаво ледничко езеро на околу 1800 м.н.в. кое за среќа беше ослободено од снежните стеги иако се сомневавме дека ќе имаме прилика да го видиме. Најдобар период за посета е мај и јуни, а во текот на летото пресушува и се претвора во кал.

Групата на Езерски Врв (2014 м.н.в.). Најверојатно името го добил поради Сенечко Езеро и месноста Езериште на која се наоѓаат десетина мали, но длабоки езерца кои се постојани дури и во текот на летото. Во позадина се протега прекрасен поглед кон Шар Планина до врвот Бориславец.

За разлика од Сенечко Езеро, областа Езериште е во најголем дел се уште под снег и езерцата речиси и да не се забележуваат. Но затоа одзади „ѕирка“ Мавровско Езеро.

Од Езерски Врв, до соседниот врв Голем Рид (2015 м.н.в.) се стига многу брзо и од него веќе се забележува должината на сртот што треба да се измине за конечно да се пристапи кон искачување на Карбула. Исто така се забележува и дека сртот повеќе не е „гол“ туку дека колку и да се трудиме да ги избегнеме, ќе имаме почести средби со снегот.

Сртот води кон уште два врвови. Првиот е Горна Корија (2005 м.н.в.) под кој се забележливи повеќе лавински остатоци. Одзади на левата страна јасно се гледа Вели Врв (1916 м.н.в.).

Вториот врв е Јарочкач (2027 м.н.в.) кој повеќе личи на голем заоблен рид. Но од друга страна од него како на дланка се гледаат врвовите Манастириште (лево, 2060 м.н.в.) и Меденица (десно, 2163 м.н.в.).

Спроти Јарочкач, од другата страна на Радика јасно се гледа делот од Кораб познат како Танушка Планина со врвовите (од лево кон десно) Шуплив Камен (2440 м.н.в.), Црн Камен (2400 м.н.в.) и Дерза (2403 м.н.в.).

Од Јарочкач, иако по стрмен терен, претпоставувавме дека нема да имаме проблеми со спуштањето кон карстното поле Требишка Рупа бидејќи се работи за јужна страна. Но за жал сонцето не успеало да го стопи снегот докрај, па мораше на некои места да се импровизира со повремени искачувања…

… и спуштања.

Од полето Требишка Рупа, кое претставува највисоко (1950 м.н.в.) карстно поле на планината Бистра, групата започна да се искачува во правец на источниот срт на Карбула надевајќи се дека при преминувањето на јужната страна, теренот ќе биде сув. Така и излезе, но додека да дојде до таа точка мораше да се прејде и поголема снежна површина, притоа често пропаѓајќи и над колена поради мекиот априлски снег. Кога групата излезе на источниот срт, „ја пречека“ Голем Крчин (2341 м.н.в.).

Уште еден интересен поглед кон селото Сенце од превојот пред Карбула веднаш над циркот Острово.

Завршното искачување на Карбула од јужната страна. Сртот е тесен и полн со камења што не дозволува снегот премногу да се задржи напролет. Сепак среде зима овој дел е многу ризичен поради големата стрмнина од двете страни, посебно од западната.

Еве и како изгледа еден сегмент. Мало лизгање и завршувате директно во Радика. Ова е една од главните причини зошто патниот правец Маврови Анови – Дебар често е „мета“ на лавини што предизвикуваат големи проблеми секоја зима.

„Позирање“ на Меденица.

15 + 1 (зад фотоапаратот) храбри на Карбула (2151 м.н.в.).

Временските услови дозволија малку одмор, можност за оброк и уживање во огромните пространства на планината што се протегаат на североисток (во позадина на сликата).

Враќање кон Галичник во правец на Зла Страна. Во преден план е месноста Краишта каде што се наоѓаат сфингите (две интересни карпести формации), а одзади се протега најголемиот дел од планината Стогово.

Иако обично не „држи“ толку снег, Зла Страна се покажа како тврд орев. И покрај тоа што групата се спремаше за заврување на акцијата со оглед на двочасовната оддалеченост од Галичник, следеше најсериозниот „тест“.

Фотографијата не може во целост да ја долови стрмнината на преминувањето на земјениот пат што води до бачилото кој во најголем дел беше под снег. За среќа сите учесници внимателно ги поминаа најтешките делови.

Зла Страна е оправдан топоним. Да не е патот, тешко ќе може да се изоди по изохипса.

Поглед на јужната страна на Карбула на излез од Зла Страна.

По преминувањето на карстното поле Говедарник групата излезе на карпестиот премин над Галичник. Проблемите што ги предизвикуваше снегот веќе исчезнаа.

Говедарничките карпи над Галичник.

Дел од застојот на патниот правец Маврово – Галичник кај месноста Царевец, предизвикан од група луѓе што сакаше да го фотографира снежниот теснец.