Викенд на Јакупица, Солунска Глава

Сабота 30 Март, 8 часот, 11 луѓе, членови на ЗПСК Макпетрол и Фри Хајкерс-Неготино, подготвени за викенд на Јакупица. Тргнавме по широкиот колски пат со цел извори на река Бабуна. Како логистика имавме и џип кој ги носеше ранците (хедонистичките реквизити) до дом.
После 6 км, од главниот пат се издвојува планинарска патека во десно, која води до водопадот и изворите на река Бабуна. Се упативме во тој правец. Патеката беше видно и прегледно маркирана со црвено бела хоризонтална маркација се до водопадот каде ја направивме и паузата за кафе. Малку потаму беа и изворите и пештерата. Патеката до пештерата беше проодна и сигурна, па и неа ја посетивме. Враќањето беше по истата патека и по колскиот пат се до планинарскиот дом Чеплес.
Се пријавивме кај домарот уредно си плативме и си ги добивме однапред резервираните места во стариот дел од домот. Во домот се е по старо, како од времето. Дури и кујната ја има истата улога како од времето, па имавме можност да си спремиме соодветна вечера и да уживаме во истата без било какви забелешки од страна на новиот домар.
Недела 31 Март, 6 часот, 11 луѓе + двајца кои изразија желба да ни се придружат. Првичниот договор беше да се движиме по зимската патека, но по разговорот со локалните планинари кои ги затековме во домот и домарот, одлучивме да одиме по летната патека. Првиот контакт со снегот го имавме малку пред долна Бабина дупка. Снегот го имаше тук-тек и бидејќи сеуште беше рано утрото, беше солидно цврст, без реална потреба од користење дерези. Над долна Бабина дупка маркираната патека беше потрупана со налегнати дрвја и маркацијата се губеше. Следејќи го ГПС записот успешно и безбедно излеговме на Горна Бабина дупка. Од горна Бабина дупка до врвот, теренот беше шарен. Повеќето од времето се движевме по тревнат терен, а наместа и по снег со длабочина од 5 до 10 цм. Пред последниот успон направивме пауза да уживаме во погледот од останатите стреи на Нежилови карпи. На врвот како што е обичај не пресретна униформирано лице кое ни ги запиша личните податоци. Врвот беше во снег, а добредојде ни посака и малку појак ветер. Се сликавме на врвот и се симнавме надоле до првиот завет каде што направивме подолга пауза на убавото сончево време.
До пл.дом Чеплес се вративме по истиот пат, а до Нежилово се симнавме по сеча.
Времето беше сончево и мирно. Турата помина во најдобар ред, сите учесници се качија на врвот и успешно се симнаа до доле.
Уште еден викенд поминат во убаво друштво, на убаво место, по убаво време.