Прочка. Ден кога, нели треба да си ги простиме грешките, да побараме прошка. Затоа и само 9 „грешници“, кои на тој христијански ден отидоа, ако не во свое, тогаш во името на сите оние кои им имаат згрешено на планините, на шумите, на природата… да се покајат и побараат прошка за се она што човештвото и цивилизацијата им има направено.

Традиционално, по не знам кој пат, во раните утрински часови се упатуваме кон с. Жировница од каде ја започнуваме и завршуваме оваа преубава тура. Сме ја оделе и порано зимски ама никогаш како овој пат тешко. Дека Прочка. Големи се гревовите што сме ги направиле кон природата. Некој гледа. Покрај се, сега и хидроцентрали ќе никнат кои нема да можат да ги покријат потребите ниту на Жировница. Ама затоа ќе иимаме нови асфалтирани патишта кои ќе водат до водените зафати. Барем нема многу да се мачиме за да го искачиме Веливар. Ќе ни биде на дофат. Ќе може секој што ќе посака. А може и викендици ќе никнат, тука каде што во моментот се наоѓа бачилото, каде што сега пасат овци. Тука, каде што на секој чекор среќаваме трагови од мечки, диви зајци и лисици, во блиска иднина ќе се шетаат салонски кученца и планиината ќе мириса на евтин парфем, како на Водно во недела. За некои луѓе ќе треба секој ден Прочка да биде…

Ние грешните 9 души, несфатени, избркани од дома, нездрави… барем такви се епитетите со кои се служат оние повеќето, за да не опишат, тргнавме да го изуживаме уште она малку што остана, што би рекле, недопрена природа.