Акцијата ја започнавме според планот, времето не послужи и за околу час и половина бевме кај ски центарот Брезовица на 1740м.н.в. На 500м пред центарот моравме да платиме влез – по 1 евро на човек плус 2 евра за минибусот. Иако беше доста рано – 8.30 часот, затекнавме голем број паркирани возила. Тоа значеше доста голема посета. Снег има во изобилство, се разбира не беше пршич но сепак поволен и за скијање. Ние шестмина се упативме по патека внесена во GPS – затоа што досега не сме биле таму.

Записот не водеше право нагоре испод жичарата (двосед). Искачувањето не беше лесно бидејќи се совладува падина со убав нагиб. Моравме да ги ставиме дерезите. По 2 часа пешачење стигнавме до крајот на жичарата на околу 2250м.

По краток одмор се упативме кон врвот. Трекот добро не водеше и околу 12:30 часот излеговме на врвот Пирибрег (или Кучиногледски врв) 2522м.

На врвот беше ветровито и со температура испод нулата. Се засолнивме во лимен објект (останат од времето кога служеше како репетитор за потребите на Макпетрол А.Д.). Пауза за одмор и закрепнување со сендвич, чоколадо, вода… Се разбира се сликавме со знамето на Клубот. Потоа започнавме со спуштање назад по истата патека. Мене за несреќа ми се јавија грчеви во препоните и морав да се спуштам со жичарата.

Останатите пристигнаа долу кај почетната станица на жичарата за околу час и половина. А долу имаше доста народ, скијачи, со санки, шетачи.

Околу 15:30 часот заминавме од ски-центарот. На враќање свративме во еден убав ресторан во Штрпце каде бевме брзо и квалитетно услужени по многу пристојни цени. Околу 19 часот бевме во Скопје.