14 планинари од ЗПСК Макпетрол и Петрикор тој ден во 6 часот се појавија на зборното место, бензиската на Макпетрол во Ѓорче Петров. Беа предвидени -24°С со ветерот од околу 20-30 км/ч. Oва беше најоптимистичката прогноза нa ден пред тргнување, инаку претходните прогнози беа многу полоши. Токму затоа го сменивме првичниот план и наместо на Езерски Врв појдовме на Кобилица, каде што, според конфигурацијата на теренот и правецот на ветрот требаше да бидеме помалку изложени на „чилот“ од ветерот. Така и беше.

Кога стигнавме во с. Бродец и кога излеговме од возилата сфативме колку е ладно. Моравме брзо да работиме, да се спакуваме и да почнеме да се движиме бидејќи почнавме да смрзнуваме. Паркиравме доле кај реката. Таму сонце не грее, па побрзавме да стигнеме до првите сончеви зраци на горниот излез од селото во правец на Кобилица.  Североисточниот ветер, како што стоеше во прогнозите, како што и предвидовме започна дури на излезот кај карпата, кота 2068 мнв. од каде што започнува завршното качување до врвот. Одевме нагоре а ветерот се посилно дуваше. Ставивме се што имавме на себе. На врвот стигнавме релативно брзо, бидејќи имавме замрзнат, цврст снег. Веднаш се сокривме на западната страна на Кобилица каде што воопшто не дуваше ветер и реалните – 10-тина степени не ги ни почувствувавме на силното сонце. Можеби повеќе од половина час уживавме во глетката. Но, студот си е студ. Не можевме долго да му пркосиме. Станавме, се спакувавме на брзина и повторно на „чилот“ од околу -25 степени. Имав ракавици за -30, сепак рацете ми смрзнаа, не ги осеќав долго време надолу, додека не постигнав работна температура. Кога се спуштивме под Карпата надолу, ветерот повеќе не го ни чувствувавме. Сонцето немилосрдно печеше. Се соблековме по кратки. Седнавме на едно место во заветрина, пиевме кафе, кој чоколади, кој апетисани… право уживање. Со тешко срце станавме, беше време за одење. Планиравме со последните сонцеви зраци веќе да бидеме кај колите. Назад по истиот пат од каде што дојдовме, по веќе разгазена патека се вративме во селото и правец Скопје.

Технички податоци: 13.5 км., 1500 м. висинска разлика