Имаше една песна од Бора Чорба „… Дан тмуран, ја мамуран…“, ама овој пат беше… Ден идеален. Терен, еден од поубавите во Македонија. Екипа, позитивно наелектризирана. 52-ца на број, повеќето искусни планинари. Акција „Меѓународна“, од Охрид, Куманово, Гостивар, Кавадарци. Имавме гости и од други планинарски клубови и здруженија (Петрикор, кумановски Козјак, Кораб…).

Во 5 ч. тргнавме од Скопје. Нешто пред 7 часот пристигнуваме во с. Жировница од каде почнуваше акцијата, се среќаваме со останатите и, веќе околу 7:30 часот тргнуваме кон зацртаната цел. Уште од селото не води уредно поставена маркација по изгазена патека (претпочитаме секогаш кога сме во можност, да одиме „по газено“) која ја користат селаните за разни потреби. Патеката не води до Валавичарка Река, која се преминува преку дрвен мост. Веднаш откако ќе преминете преку мостот има чешма со питка вода. Продолжуваме по маркирана тесна патека која води низ шумскиот појас се до колскиот пат кој води од Жировница до Бачилата на излезот од шумата на околу 1800 мнв. Тука повторно продолжуваме по тесни патеки по оголен терен (ливади), се до седлото помеѓу Иноска и Високо Брдо, од каде скршнуваме лево кон југ, долж граничната линија помеѓу Македонија и Албанија. Иноска ја заобиколуваме одејќи по изохипса директно во правец на Веливар, кој веќе ни е на дофат. Од тука имаме уште 2 лажни врвови и некои си 300 висински метри за совладување. На врвот се качивме 50 планинари во точно предвиденото време, според програмата. За жал две планинраки моравме да оставиме подолу на седлото да не чекаат поради тоа што немаа доволно сила за искачување на врвот според предвидената динамика на движење. Совет до сите. Простудирајте ја секогаш добро програмата и почитувајте ги препораките дадени во неа. Проверете си ги своите психофизички способности на некоја полесна акција па потоа пријавете се на акција која е опишана во објавата како многу напорна.

Враќањето, во горниот дел од патеката, го направивме кружно, преку Скала. Подолу повторно по истиот широк колски пат, па преку река… последните неколку километри ги минавме во темница, со челни лампи. Во Жировница,  стигнавме некаде околу 17:30 часот.

 

Технички податоци: 23 км. во двете насоки, 1680 м. Д+ (совладана висинска разлика).

 

Водачи на акцијата :          Петар Герасимов, организациски и главен водач

Ели Елии, помошник водач

Христифор Саракинов, помошник водач

 

Автор на текстот и на фотографиите: Петар герасимов