Кападокија е едно од ретките места во светот со природен спој на историјата, природата, храната, авантурите и луѓето. Земја на убавите коњи, според потеклото на името.

А, што може да се види и прави во Кападокија? Може да се шета низ Црвената и Розевата долина, низ Долина на љубовта и Долина на гулабите, низ подземни градови и музеи на отворено и покрај илјадници камени форми во вид на столбови и оџаци; може да се посетат стари цркви, да се пешачи низ кањони, да се возите со балони, да трчате ултрамаратони и да возите велосипеди, да јавате, да се возите со квадови, да планинарите …

Кападокија (Kapadokya, Cappadocia) е област во Централна Турција, околу градовите Nevşehir, Kayseri, Kırşehir, Aksaray, и Niğde) на 1.600 км од Скопје. По кажувањето на домаќините Сите годишни сезони се погодни за посета на Кападокија, но најогодно е во пролетните и есенските месеци кога температурите се околу 25 степени целзиусови. Најинтересни туристички дестинации во Кападокија се градовите Ürgüp, Göreme, Uçhisar, Avanos и Zelve, долината Ihlara, манастирот Selime, подземните градови во Derinkuyu, Kaymakli, Gaziemir и Ozkonak. Најинтересни живеалишта и пештерски куќи има во Ürgüp, Göreme, Guzelyurt и Uçhisar. Седиментните карпи се формирале од дамнешните вулкани и со текот на времето еродирале во илјадници спектакуларни столбови и „оџаци“. Луѓето во нив изделкале куќи, цркви и манастири. Во околината на Гореме има 30-тина пештерски цркви со живописни фрески по ѕидовите, кои потекнуваат од IX до XI век. Луѓе живееле во внатрешноста на карпите уште за време на Римското, а потоа и во Византиското и Отоманското царство. Денес, во тие карпи има хотели, а над нив летаат огромни балони.

Секој ден во 5 часот наутро, додека е темно, во Гореме започнува интересна церемонија. Стотина комбиња кружат низ градот собирајќи сонливи луѓе пред хотелите и ги носат на полјана покрај пламенофрлачи од кои силниот пламен ги полни легнатите балони со топол воздух. Стотици балони. Тоа во темнината изгледа нестварно. Трепетливи вцрвенети и вжолтени балони кои се палат и гасат и полека се издигнуваат нагоре. На небото како да горат стотина пламени. А, на земјата, возбудени и премрзнати невести и младоженци од Кина, Турција, Русија, во венчаници и одела, трчаат како без глава меѓу балоните за да ја направат најубавата свадбена фотографија на светот. Балоните високо се издигнуваат и луѓето во нив во тишина уживаат во изгрејсонцето и во погледот од горе, а стотина луѓе на земјата возбудено ја следат играта на балоните на небото. После 1 час, балоните се спуштаат на земјата, тажно се издишуваат, но луѓето сеуште возбудени од авантурата се сликаат со дипломи и шампањско во рацете. Поради големиот наплив на туристи од Кина и Русија, цените за едночасовната авантура со балонот чини од 140 до 250 евра по човек. Многу повеќе од промовираните 100 евра на Интернет. Но, летањето со балонот вреди секое евро.

И за планинарите има „занимација“.  Планината Ерџиес (Ergiyes Daği) е на 20-тина километри од Кајзери и се извишува до 3916 м. Искачувањето почна длабоко во ноќта, или поточно во 2 часот наутро. 34 планинари од Србија и Македонија предводени од водичите Миланка, Стојан, Вук, Ацо, Горан В., тргнаа кон врвот. Среќа во несреќа што Стојан требаше да врати планинарка која не се чувствуваше добро, и така го спречи враќањето на целата група на почеток. Искачувањето требало да биде пријавено во полиција која тргнала со џип по планинарите да ги врати назад. Стојан 2 часа објаснувал во полицијата кои се и каде тргнале и им оставил список со податоци за сите планинари. Околу 6 часот Стојан ја стигна групата на околу 3600 метри надморска височина и сите заедно продолжија заедно кон врвот. Дури кога се зазори, се покажа Ерџиес во сета убавина; благите форми на подножјето на планината, долгиот срт, забестите врвови, неверојатните бои на карпите, населбите во долините. На околу 3750 м. тројца планинари почувствуваа мачнина од височината и водичот Горан В. ги врати назад. Другите 30 планинари продолжија до котата на 3890 метри каде што околу 10:30 часот по сончево и ветровито време сите се сликаа покрај турското знаме, заедно со своите клупски знамиња. Искачувањето на врвот не е едноставно, прво поради должината на турата (од 2200 м до 3890 метри надморска височина со околу 2.000 метри висинска разлика D+ и, скоро 8 часовно искачување), како и поради тежината на патеката (карпест терен, тешка секција со кулоар со ронлива карпа, сипар). Сите планинари носеа дерези и шлемови, а водичите и јажиња. После скоро 13 часа планинарење, изморените планинари се вратија на стартната точка околу 15 часот. Турските планинари вообичаено се искачуваат на Ерџиес за 2 дена, со ноќевање во куќарка на 2.800 метри или во шатор.

А, што да се каже за убавата турска храна? Хумус, свежи салати, пиде, калинки со тони, бадеми, лешници, мандарини. Вистинско уживање.

Ако не сте биле во Кападокија, да одите!

 

Напомена!

Организатори на патувањето во Кападокија беа ПСД Макпетрол од Скопје и ПК Балкан од Белград, а главни водичи беа Стојан Хаџијевтимов, Миланка Арсиќ и Вук Тубиќ.

Напишал: Горан Николоски

Фотографии: Горан Николоски, Миланка Арсиќ, Новица Синадиновски.

 

 

 

 

 

 

 

 

DCIM100GOPROG0027269.