Саботно утро 05:30 часот на бензинската пумпа Макпетрол на излез од Скопје се групиравме 13 члена на ПСД МАКПЕТРОЛ со три возила и се упативме кон Битола, по двочасовно возење стигнавме на почетната точка хотелот Молика во Националниот парк Пелистер. Следеше пакување на опремата и во 08:30 се упативме кон врвот Пелистер. Патешествието го започнавме по прекрасната шумска патека која води до поранешниот Планинарски дом Копанки. Мала пауза и продолживме кон чешмата на патот за Јоргов камен, наполнивме вода и се упативме кон видиковецот кој излегува на Камењарот, патека која бара посебна внимателност но пружа посебна возбуда. Времето иако беше облачно и магливо сепак како да се имавме договорено на секоја попатна пауза да се отвара и да не грее сонцето.

И така и беше прва пауза врвот Стив 2462м. па врвот Илинден 2548м. и конечно Антени (врвот Пелистер)2601м. Домаќините РДЗ не пречекаа и послужија со топол планински чај и по кратка пауза за јадење и окрепување на групата се упативме кон крајната точка на нашата авантура Планинарскиот дом „Димитар Илиевски – Мурато“ на Големо езеро. Времето за разлика од искачувањето кога имаше облаци и магла сега потполно се отвори и слегувајќи по патеката не грееше сонцето кое даваше посебна енергија и уживање во падините на Баба Планина прекриени со златните есенски бои. Направивме уште една пауза за фотографирање на Малото езеро и се упативме кон домот. Во домот не пречекаа домаќините од ПСК Пелистер кои се погрижија околу наше сместување и ни приготвија прекрасна вечера.

Утрото беше очајно времето затворено, магла го прекрила езерото, никаков поглед за уживање и што да се каже освен „ајде да се пакуваме и надолу кон Нижеполе“. На пола пат кај чешмата Мичо Муши ете го пак сонцето како да не сакаше да се разделиме така брзо па вториот дел од патеката беше поинтересен и со позитивна енергија.

Се на се убаво поминат викенд на Баба Планина, наполнети батерии за престојната недела.