Што да се каже?! Тура каква што би посакал секој планинар, особено на временски услови какви што беа вчера. Датумот на одржување на акцијата не случајно одбран, октомври. Планината гори во овој период, „очобол“ како што се изрази некој од групата. Бои кои не можат да се видат во урбани средини, ниту во парк, ниту на водно… тоа не се вистинските бои. За да ги видите во полн сјај, ќе мора дефинитивно да отидете на планина, подалеку од цивилизација, таму каде што нема смог, таму каде што сончевиот зрак нема што да го сопре, пригуши.

Интересот за оваа акција беше голем, но, за жал, поради кондиционата и техничката тежина на турата, бројот на учесници моравме да го ограничиме на 30-тина искусни планинари, колку што може да собере врвот а да не се чувствуваме како сардини во конзерва.

Тргнавме во 5 часот од Скопје. Една група планинари од Охрид ни се придружи и двајца „мештани“, вкупно 31 човек. Нешто по 7 часот стартувавме од Жировница. Се движевме по стандардната маркирана патека, по течението на Таировска Река, поминавме помеѓу Куртово Ќуле и Арпушки Камен, па преку седлото помеѓу Плоча и Три Синори во правец на преминот Шкртец. Го испречивме целото подножје на Шупља Стена по прилично кос терен до под самиот врв и на крај право нагоре до крајната дестинација. Попатно има само еден извор со питка вода на влезот во шумата, на околу 2.5 км. oд селото. Движењето се одвива по разгазена маркирана патека се до Шкртец. До самиот врв се стигнува по тревнат терен. Последните 100-150 метри се технички, се поминува тесен срт, од двете страни се провалии. На врвот пристигнавме во 13 часот. 40-тина минути уживавме во глетката и околу 14 ч. почнавме со спуштањето по истата патека. Враќањето назат до селото ни одзема 4 часа. Во 18 часот веќе бевме во с. Жировница

 

Технички податоци: должина во двете насоки 22 км. Висинска разлика 1800 м. Д+

 

Уживајте во фотографиите подолу.