„Ниту едно друго населено место не ми дало такво чувство на величенствена изолираност од светот, како Theth“, напишала Едит Дарам (Edith Durham), позната писателка и светски патник, која во 1908 година ја посетила долината Theth. Стотина години подоцна (во мај 2015 година) ја посетивме долината и уживавме во мирот и тишината, недопрената природа, високите планински врвови и вкусната локална храна. Кон Theth возеше само едно комбе дневно, а во долината имаше само неколку гостински куќи, малку планинари и уште помалку туристи. И сто години подоцна за долината Theth се зборуваше како за мистична, далечна, ретко посетена, недостапна долина, скриена меѓу високите врвови на Проклетије во Северна Албанија.

Во август 2018 последните 15-тина км. до долината сеуште е земјен пат, но по него имаше вистинска променада на комбиња, џипови, и лесни возила. Претходно скромните гостински куќи, како „со квасец“, нараснале со по 50-тина кревети, има голем хотел и туристички инфо центар.  Имаше многу повеќе туристи со сандали, светкави блузи и големи очила за сонце отколку планинари. Ние со нашите планинарски чизми, ранци и шлемови, како да бевме паднати од Марс.

Нашиот план беше да се искачиме на врвот Маја Арапит и да го посетиме водопадот Theth. Во сабота наутро тргнавме кон врвот Маја Арапит (2.217 м.). Врвот е познат како „Албански Матерхорн“ поради својот впечатлив изглед (огромен ѕид висок 800 метри – највисок каменит ѕид на Балканот). Оддалеку врвот изгледа непристапно, како вистинска брана на долината Theth, но сепак има обележани патеки  по кои треба внимателно движење. Патеката започнува од туристичкиот инфо центар, во правец кон преминот Qafa e Pejës  (премин кој во дамнешни денови бил користен да се стигне до трговскиот град Пеќ, во Косово). До преминот Qafa e Pejës  (1.705 м.) се стигнува по земјен пат во должина од 4 км до подножјето на преминот, кога започнува стрмна и цврста патека по која се движат и натоварени коњи и магариња.

Патеката до врвот Маја Арапит прво започнува со слегување по слабо обележана патека низ длабоко издлабени карпи и продолжува по стрмен тревнат, а потоа карпест терен. Последните 100-тина висински метри патеката води по изложен срт под кого од јужната страна, длабоко под врвот, завршува долината Theth. Од врвот Маја Арапит се гледаат околните врвови над долината Theth, Маја Радоимес (2.568 м.) на запад, долината Theth со реката Шаља на југ, Маја Поплука (2.569 м.) на исток, највисокиот врв на Проклетије, Маја Језерце (2.694 м.) на североисток и долината Ропојана на север. Времето се наоблачи и светлите карпи одеднаш се зацрнија. Веројатно оттаму е и името на врвот Maja Arapit. По дожд слеговме во долината и се одморивме во нашата гостинска куќа и вечеравме во соседниот ресторан.

Технички детали за патеката кон врвот Маја Арапит:

  • Должина на патека: 11 км. во еден правец.
  • Висинска разлика: 1500 м. D+
  • Времетраење: 5 часа во еден правец
  • Терен: карст (варовник).

Утредента, недела, релаксирано тргнавме кон водопадот Theth, поминавме покрај селските куќи, влеговме во католичката црква во која што почнуваше миса со американски свештеник и продолживме кон водопадот, на 30-тина минути од селото. А, патем до водопадот вистинскo корзо – туристи од цел свет се местеа за сликање под 30-тина метри високиот водопад.

Што може да се посети во Националниот парк Theth?

Историски тој дел од Северна Албанија е христијанска (католичка) област со многу цркви и крстови по ридовите. Theth е глечерска долина низ која тече реката понорница Шаља, има 30-тина метри висок водопад и мало глечерско езеро (Blue Eye). Во подножјето на Маја Арапит се наоѓа најдолгата хоризонтална пештера (долга 2.585 м.) во Албанија откриена од бугарски истражувачи на пештери. Во селото Theth има и мал етнографски музеј и одбрамбена кула (Kulla e Ngujimit). Долината Theth и околните планини биле откриени и од источно-германските алпинисти кои заедно со албанските алпинисти во 1959 и 1960 година искачувале алпинистички насоки по високиот ѕид на Маја Арапит. Според геолозите, квалитетот на карпата е многу добар, на ниво или подобар од карпите на Доломитите.

Како се стига до Theth?

До долината Theth  се стига или со возило или пешки. Нас патот (со возила) не водеше од Скопје, по новиот автопат преку Приштина и Призрен до Јадранско море во Албанија, и потоа по регионален до Скадар. Од Скадар до долината Theth има тесен асфалтен пат преку селото Боге се до преминот Thore на 1.786 м. И тука, одеднаш, завршува асфалтот и започнува лош земјен пат долг 15 км. по кого се возевме околу 1:30 часа. 410 км во еден правец. Препорака за возило: џип или комбе (Со комбе од Скадар до Theth за 10 евра во еден правец со редовна линија, поаѓање во 6 часот наутро, враќање околу 14 часот). Гостинските куќи, исто така, може да организираат сопствен или изнајмен превоз до и од долината.

Пешки во долината Theth може да се стигне од неколку правци. Од југозапад, од Скадар, по асфалтниот и земјениот пат. Од североисток, од пограничното црногорско село Вусање преку долината Ропојана, до преминот Qafa e Pejës и потоа во долината Theth (околу 8 часа пешачење). Од исток, со 6 часовно пешачење од селото Валбона во долината Валбона, преку преминот Qafa e Valbonës (Премин Валбона) на 1.800 метри надморска височина, до долината Theth. Во албанскиот дел на Проклетије локалното населени направило неколку кафулиња долж планинарските патеки во кои, седнати на дрвени клупи и под лесни метални покриви, може да се напиете кафе, пиво, сокови. Такви кафулиња има кон Qafa e Pejës  и две кон долината Валбона.

Се надевам дека иднината нема да ја наруши убавината на долината Theth во која многумина уживале.

Со нашиот превоз

 

Gorans’ 12

 

Кон Qafa e Pejës

 

Кон врвот

 

Патем

 

На врвот

 

Пред дождот – Маја Арапит

 

Со Аринета Муља од Косово (се има искачено на Монт Еверест, Елбрус …)

Во Theth

 

Гостопримство

 

Напишал: Горан Николоски

Фотографии: Томица Котевски, Кирил Јаневски, Дејан Диневски, Горан Николоски.