Ако според многумина Шар Планина е најубава планина во Македонија, тогаш поширокиот реон на Лешница е нејзин најубав дел. И ако веќе одиме во длабочина, кога веќе се тврди дека Лешница е срцето на Шара, тогаш областа Кривошија е епицентарот на природното богатство на тој реон. ПСД Макпетрол во не така далечното минато многупати организираше акции на Кривошија, најпрво од Попова Шапка како почетна точка, а потоа и од селото Бозовце (околу 1300 м.н.в.) кое се покажа дека е поблиска и поедноставна варијанта (поради асфалтниот пат). За тие акции претходно беа објавувани извештаи, но поминатите предели заслужуваат да бидат објавени уште еднаш, поготово што беа опфатени во само еден ден, а и со цел да се поттикне нивната заштита од страна на заканите од човечка страна (во прв план сечењето на шумата и менувањето на водните текови).

Во продолжение следат фотографии и детали.

Почетокот на патешествието – под селото Бозовце, на мостот на реката Пена. Од Бозовце води земјен пат до мостот што понатака се спојува со понов пат што е пробиен за сечење шума. Инаку како алтернативен пристап до Лешница може да се искористи и земјениот пат што оди по левата долинска страна на реката, кој е помалку подложен на влага, но притоа мора да се искачи височина од околу 1600 м.н.в.

Доколку ја оставиме на мира, природата полека ќе почне да ги враќа работите на свое место. По преминот на Пена патот веќе е пресечен од потоците и дождовите и повеќе не може да се оди по него со никакво возило. Штета што поради пресечените дрва старата патека на многу места се губи и наместо неа мора да се користат пробиените патишта што поради дождовното лето беа претворени во огромни калливи препреки.

На излезот од шумата се навлегува во месноста Долна Лешница и веднаш се отвора прекрасен поглед кон Среден Камен (лево, 2465 м.н.в.) и Кривошиски Врв (десно, 2511 м.н.в.).

Мала пауза за дегустација на малини. Поради големата влага, малините, јагодите и боровинките ги имаше во изобилство.

Шумата што настрада во големата лавина што падна од Шерупа пред десетина години, полека се обновува.

Влезот во долната Кривошиска Када.

Импресивната долна Кривошиска Када. Пристапот до неа е малку незгоден бидејќи мора да се движите по самото речно корито.

Горната Кривошиска Када – пристапот до неа е релативно лесен бидејќи уште стои импровизираниот мост.

Пресечената карпа на пат кон Кривошискиот Водопад.

Кривошискиот Водопад во полн сјај како да е напролет.

Поглед наназад кон прекрасната долина на Кривошиска Река што се протега меѓу огромните карпи на Кривошиски Врв (лево) и Среден Камен (десно).

Одмор под Кривошискиот Водопад. Некои од групата ја искористија паузата за да се истушираат.

Од водопадот патеката оди во правец на Кривошиско Езеро, но по кратко време се одделува еден крак што води кон превојот под Кривошиски Врв во правец кон Џинибег (изворишниот дел на реката Пена), но групата реши директно да го искачи. При искачувањето се забележува острината на спротивниот врв Среден Камен.

Интересната шуплина во карпите под Кривошиски Врв. На овој потег групата виде и мечка која не сакаше да застане да се слика.

Зимата се уште не си отишла од некои делови, во случајов од осојниот дел покрај превојот под Кривошиски Врв.

Поглед кон најстрмната (западна) страна на највисокиот врв на Шар Планина и Мал Турчин десно од него.

Прекрасен поглед кон трите карпи на Лешница: Плат, Среден Камен и најблиската – Кривошиски Врв. Фотографијата е направена од сртот што стрмоглаво се спушта кон Долна Лешница и кој со мали заобиколувања би можел да се искачува.

Машкиот дел од групата позира на Кривошиски Врв.

На симнување од Кривошиски Врв, групата продолжи кон горната долина на реката Пена. Некогашната солидна патека што гравитира кон Џинибег на многу места беше непрепознатлива, обрастена со висока трева, грмушки и коприви. Маркацијата се уште стои, но забележливо беше дека оваа патека е многу поретко користена од онаа што оди кон Кривошиско Езеро.

Под карпите на Кривошиски Врв од западната страна.

Пре влезот на шумата во Лешница. Изненадувачки се утврди дека од пред извесно време и тука е пробиен нов пат.

Поглед кон прекрасните карпи на Среден Камен од средината на Лешница.

И секако кон Плат, најблагиот меѓу трите лешнички врвови. И неговите падини не се поштедени од сечење на шумата поради пробивање нови патишта. Иако тоа не се гледа на сликата, постои нов пат што дури и ја уништил прекрасната патека кон Горна Лешница. Да се надеваме дека ова се последните рани што и се зададени на природата на Лешница.