Секоја посета на Црна Гора изненадува. Малата, каменита Црна Гора им го нуди на посетителите она што го има во изобилие: планини, море и љубезност. За секого има по некоја авантура: планинарење, велосипедизам, кајакарење, рафтинг, кањонинг, ферати, плажи, стари градови, манастири,  планинарско трчање … Ние од бројната понуда успеавме да планинариме, да се спуштиме низ два кањона, да  одиме на плажа, да ги посетиме Жабљак и Никшиќ, да го посетиме Манастирот Острог и да запознаеме и уживаме со нови пријатели.

Сите воздивнувавме од убавина кога се искачувавме кон Боботов Кук (2.523 м.), највисокиот врв на Дурмитор, над градот Жабљак. Планинска тишина, остри карпести врвови над тревнати падини, езера – планински очи и мноштво планинари по нив. Нашата група како да слета од вселената, со темни очила, шлемови и планинарски чизми, со облека со долги ракави и ногавици. Слегувајќи од врвот поминававме покрај туристи кои се искачуваа кон врвот облечени во маици со прерамки, кратки панталони и лесни патики, а една „белокожа планинарка“ беше облечена во костим за капење. Сакавме што подолго да го одложиме слегувањето во Жабљак, меѓу автомобилите и гужвата и се одмаравме покрај планинското око и на „Седлото“ на 1.900 метри надморска височина, лежејќи на пладневното сонце и слушајќи далечни грмежи (и повремено ‘рчење на Т.) Дурмитор ни изгледаше убав и од подножјето, од брегот на Црно Езеро на 1.450 метри, каде што со Никшиќко пиво во рацете гледавме каде бевме пред неколку часа (на врвот Боботов Кук).

Ден после искачувањето на 2.523 метри бевме на 0 метри надморска височина, во бокакоторскиот залив. Дел од групата уживаше во морската вода во Пераст, а неколкумина со Влатко Контиќ (од планинарскиот клуб Балкан Монтенегро http://montenegroadventure.org  FB: @montenegroadventure.org ), бевме да видиме друга убавина што ја нуди Црна Гора, кањонот Шкурда.

Кањонот Шкурда е зад Котор, во длабок засек на планината Ловќен која се извишува над градот. Толку блиску, а сепак далеку од врелината на пладневното сонце, од огромните бродови и градската гужва. Се натоваривме со ранци во кои имаше јажиња, шлемови, појаси, вода и пиво, и тргнавме по стариот каравански кривулест пат кој покрај тврдината води од градот Котор до селото Његуши. После 30-тина минути искачување скршнавме лево и по слабо обележана  патека, која поминува низ сипар, влеговме во кањонот на реката понорница Шкурда која се влева во которскиот залив. Сенка, тишина и чудни каменити форми.

Ги облековме појасите и шлемовите, Влатко го провре јажето низ првото сидриште и низ нашите „Осмици“ и „Реверса“ и почнавме да се спуштаме низ кањонот. 20-тина пати ги провлекувавме јажињата низ сидриштата и се спуштавме надолу. Секој абзел беше поинтересен од другиот. Со едниот се спуштавме по лизгави карпи, со другиот абзел преминувавме преку превис, со третиот влеговме во длабок каменит базен полн со вода, со четвртиот се спуштивме во широка просторија како на концертна сала каде што се одморивме. Меѓу абзелите се протнувавме низ тесни премини, прескокнувавме  преку големи камења, скокавме во вода. После скоро 3 часа откако влеговме во кањонот, излеговме на топлото сонце, ги извадивме шлемовите и појасите и се помешавме со другите туристи кои шетаа низ врелиот град, смеејќи се во себе на храброста и авантурата што ја правивме.

Кањоните ги замислуваме како далечни, мистични, недостапни места, до кои се стига после денови и ноќи пат, но Кањонот Шкурда е на дофат на градот Котор, само 200 метри од морето. Кањонот е вистинско скулпторско дело на природата!

Влатко препорачува посета на кањонот во мај и јуни кога слегувањето низ кањонот висејќи под водопади со ладна вода и движејќи се низ лизгави карпи е вистинско доживување. Тогаш и опремата е поинаква. Сега се спуштавме облечени во маици, кратки панталони и патики (плус шлем и појас и алатка за спуштање), а во мај/јуни учесниците се облечени и во неопренско одело. Авантурата низ кањонот Шкурда е екстремна активност. За да помине авантурата без проблеми, секој учесник треба да биде физички спремен, да знае да ракува со јажиња и со алатки за обезбедување, да знае техника на спуштање низ карпи и да нема страв од височина и од ладна вода.

Ден после авантурата низ кањонот Шкурда, со Влатко горски спасител, повторно бевме на кањонинг, низ кањонот Невидио, на 10-тина км од Шавник или на 20-тина км од Жабљак.

Со возилото дојдовме до местото Пошќење каде што е етно селото Невидио http://www.etnoselonevidio.com/ и каде што започнува кањонот. Локалните жители кањонот го нарекле Невидио (Невиђбог) бидејќи реката Мала Комарница одеднаш се губи во тесниот, од вода изделкан влез кањон и станува невидлива за човечкото око. Кањонот е долг околу 2 км при што влезот е на 935, а излезот на 810 метри надморска височина.

Се облековме во неопренски одела дебели 5 мм (а позиморливите две одела, бидејќи водата низ кањонот е со температура од околу 7 степени), појаси и шлемови. На нозете облековме неопренски чорапи и свои патики, а под неопренското одело, костим за капење. Може да се носат и леќи во очите или очила. Во малото езерце пред влезот во кањонот полека ги натопивме неопренските одела за да не штитат од ладната вода и внимателно зачекоривме по Влатко. Сонце не видовме во следните неколку часа.

Влатко со кратки и отсечни насоки ни кажуваше каде да стапнеме, каде да скокнеме, низ кој тесен премин да се провреме, каде брзо да пливаме. Во раката држеше фотоапарат, а во ранецот носеше и јаже, вода и чоколади. На почетокот на кањонот има и „Точка од која нема враќање“ од каде што несигурните може да се вратат во сигурноста на блискиот ресторан. Од таа точка почнува луда авантура која завршува после скоро 4 часа. Се плива низ ладна вода, се протнува низ камења и паднати дрва, се преминува преку лизгави камења, се скока од 2, 5, 8, 10, а најхрабрите и од 12 метри. На неколку места Влатко изигруваше и држач кога преминувавме преку неговите нозе и се качувавме на неговите раменици. Последните 30-тина минути се искачувавме по стрмна патека кон излез на кањонот.

И за овој кањонинг е потребна добра физичка подготовка, внимателност и послушност, пливање и секако, авантуристички дух.

Цената за кањонинг низ обата кањона е по 100 евра по човек. Верувајте, авантурите вредат секое евро.

Неколку дена после враќањето од Црна Гора ми се јавува М. и вика на мобилниот: „Леле, колку убаво си поминавмееееее!!!!!!! Не можам да престанам да мислам на тоа!“.

Напишал: Горан Николоски

Фотографии: Горан Николоски, Влатко Контиќ, Томица Котевски.