Клупската акција беше замислена ФЕРАТИ, ФЕРАТИ, ФЕРАТИ низ најубавите делови на Европа, Доломити во Северна Италија и Словенија.

Прва авантура: Постојна Јама, Словенија

Повторно ги откриваме убавините на подземјето. 99 години по првата туристичка посета на пештерата од страна на Надвојводата на Австроунгарската империја,  Фердинанд, ние заедно со врвулица луѓе поминуваме покрај неверојатни форми на пештерски накит. На излезот од пештерата, пред единствената подземна пошта во светот ги видовме и уникатните Човечки рипки.

Втора авантура: Пунта Пениа, Мармолада, Доломити, Италија

Нема повеличенствен планински амбиент од Доломитите. Тоа го велам со години наназад. Мноштво долини со питоми населби сместени под густи шуми над кои има стрмни карпи во неверојатни облици. А, на Мармолада е највисокиот врв на Доломитите, Пунта Пениа (3.342 м.), сместен над стрмен глечер, под кого е езерото Fedaia на 2.000 метри надморска височина.

На убав сончев ден, планиравме да се искачиме до врвот по фератата Мармолада. Но, откако не го најдовме вистинскиот приод до фератата тргнавме на нормалната патека која води низ глечерот Мармолада, по која, дисциплинирано и внимателно, одеа уште стотина качувачи, прикачени во наврска. Во „полна“ зимска планинарска опрема (дерези, шлем, цепин, Y сет за ферата) внимателно поминувавме низ глечерот, а потоа и по фератата, која не носи скоро до 3.300 метри височина. Последните метри се најтешки; врвот е на дофат, а чекорењето е бавно. На врвот извадивме и тегла со мармалада од шипки, која ја изедовме во сласт. На врвот има голем метален крст и мала планинарска куќа. А, од врвот се гледаше пирамидестиот Антелао, втор по височина на Доломитите, трите Тофани, масивот Села со врвот Пиц Бое, длабоки зелени долини и езера. Убавина.

Внимателно се спуштавме надолу. Поминавме и покрај планинари кои вежбаа глечерски техники на спасување. Покрај планинарската куќа Pian dei Fiacconi се наместивме за сликање покрај „Кралицата на Доломитите“ Емилијана.

Искачувањето на Мармолада е напорна акција (1.245 метри висинска разлика) и кај поединци се јавуваат симптоми на висинска болест, главоболка, мачнина и слабост. Во секој случај, планинарите кои планираат да се искачат на Пунта Пениа, ги чека многу интересна, разнолична глечерска тура во траење од 7 до 8 часа.

Ах, колку е убаво да си блиску до Алпите и Доломитите. Се е блиску. Човек може да направи еднодневни тури на врвови до кои ние од Македонија стигаме после 1.500 км. возење.

Трета авантура: Alleghe, Доломити, Италија

„АЛЕГЕ – 0% СТРЕС, 100% ДОЛОМИТИ“, се промовира Алеге на интернет.

Тоа е шармантно селце во географскиот центар на Доломитите, сместено покрај езеро. Жителите и туристите мирно шетаат покрај брегот на езерото  во кое се огледува величенствената планина Monte Civetta. Во 1771 година се срушил дел од планината Monte Piz и ја препречил реката Cordevole. Се формирало езеро и под вода останале делови од селото, црквата со  ѕвонаријата, но и соседни села. Легендата вели дека денес, на убав ден, може да се види потонатата ѕвонарија низ кристално чистата вода.

Многупати еден пријател ми го споменуваше местото Алеге како бајковито место и одличен скијачки центар. „Мирче, си бил во право. Алеге е топ“.

Четврта авантура: Ferrata degli Alpini, Доломити, Италија

Тоа е релативно нова ферата, направена од италијанската армија во 2008 година, 90-тина години после изградбата на првите ферати на Доломитите (во Првата Светска Војна).

Кон фератата се тргнува од паркингот пред ресторанот “Da Strobel”, на 1,5 км пред преминот  Falzarego. Означена патека „Ferrata degli Alpini“ води до „ѕидот“ под врвот Col dei Bos (2.559 м.), каде беа собрани 30-тина качувачи. Почетокот на фератата, првите 10 висински метри, е вистински „филтер“ за качувачите и може да биде фрустрирачки, затоа што и покрај поставената металната сајла, има малку држачи во карпата, така што е потребно размислување, јаки раце и внимателно искачување. Нагоре веќе почнува забавата. Фератата има многу стрмни и изложени секции, но и добри држачи, како и неколку тревнати премини до други секции од фератата. Со стрмните секции се добива на височина, но е потребно големо внимание од неискусните качувачи, кои од водичот дополнително треба да бидат обезбедени со јаже. Новите метални сајли и гумените конусни држачи даваат голема сигурност при искачувањето, но фератата не е за почетници и за качувачи без целосна опрема за ферати.

Фератата е панорамска и се гледаат, како на почетокот на фератата, длабоко долу во долината, така и околните врвови, по кои има бројни алпинистички насоки по кои се искачуваат храбрите качувачи. Крајот на фератата завршува на тревната ледина  од која после 10-тина минути одење се стигнува до врвот Col dei Bos на 2.559 метри. А, од врвот се гледа величенствената Tofana di Rozes (3.244 м.). Од долината се слушаше бука на бројните автомобили и мотори кои вртеа по алпските патишта. Многу ни беше мило што бевме далеку од таа бука. За надолу има повеќе патеки, а ние тргнавме по патеката 402 која е поранешен воен пат кој водеше покрај остатоци на бројни ровови и бодликава жица од Првата Светска Војна. Поминавме и низ тунел и после кратко искачување се вративме на патеката по која пристапивме кон фератата.

Искачувањето по фератата, зависно од искуството и гужвата, може да трае 3 – 4 часа. Вкупното искачување и слегување до местото на тргнување, трае околу 6 часа.

Петта авантура:  Bolzano, Cortina d’Ampezzo, фабричкаta продавница на La Sportiva во Ziano di Fiemme, Италија

Убави големи и мали италијански градови. Болзано, голем и врел град, Кортина, мала и убава планинска населба. А, во фабричката продавница на La Sportiva во Ziano di Fiemme бевме како деца во фабрика за чоколада. Не знаевме што побрзо да пробаме: чизми, панталони, јакни, патики … Лудило од избор и ниски цени.

Шеста авантура: Мангарт и Триглав, Јулиски Алпи, Словенија

Мангарт е висок 2.679 метри и е трет по височина врв на Јулиските Алпи. Се искачувавме по панорамската ферата „Словенска пот“, која води низ длабок дијагонален засек среде масивниот врв Мангарт. По една стрмна секција, со дерези, поминавме и низ снег. Таман стигнавме на врвот со големиот крст, „времето се отвори“ и ја видовме околината, врвовите во далечина и долината со езера во длабочина. Надолу се враќавме преку Италија (Мангарт е граничен врв), по стрмна обележана патека по која треба внимателно движење.

Триглав е посебна приказна. Годинава се славеше 240-годишнина од првото искачување на врвот од „Четирите дрчни мажи – Словенци“. Внимателно, со опрема за ферата, се искачувавме по грбот на Триглав по кого поминуваа и други планинари, меѓу кои и пријателите Мухамед Алили и Осман Ука. Нас врвот Голем Триглав (2.864 м.) не пречека и со магла и со град, но Аљажевата куќичка не заштити од краткото невреме. Свештеникот Јаков Аљаж во 1895 година од Германците за 1 златен динар купил 16 квадратни метри. Тие 16 квадратни метри биле на врвот Голем Триглав.

Во планинарските домови на Мангарт и на Триглав (Кредарица) јадевме „Ричет“,  густа чорба со јачмен, зеленчук и месо која, Емилијана, со рецепт најден на Интернет, успешно, по кажувањето на Боро, ја направила и во Македонија.

Седма авантура: Брежице и Терме Чатеж, Словенија

Брежице беше вистинско изненадување за нас. Мало гратче блиску границата со Хрватска, на 5 км. од Терме Чатеж. А, во Брежице посетивме убав музеј и градски фестивал кога на убава храна и музика излегуваат сите Брежичани и околни жители. Посавскиот музеј, сместен во тврдината, беше полн со археолошки, историски и етнолошки експонати од живот во регионот на Брежице. Не плени големата барокна сала, наречена Витешка дворана, со прикази од грабнувањето на Европа од Зевс; од богот Арес кој се враќа од бој, од богот на оганот Хефест (Hephaestus) во ковачница и други фасцинантни прикази од античката историја.

Во современата Терме Чатеж се одмаравме во топлата бањска вода, додека надвор врнеше ситен дожд.

22 јуни – 1 јули 2018.

Напишал: Горан Николоски

Фотографии: Горан Николоски, Борче Ѓелевски

 

Постојна Јама, Словенија

 

Над глечерот Мармолада

 

Пунта Пениа (3.342 м.)

 

 

Ferrata degli Alpini

 

Alleghe

 

Bolzano

 

Фабричка продавница La Sportiva

 

Мангарт (2.679 м.)

 

Голем Триглав (2.864 м.)

 

Витешка дворана, Посавски музеј, Брежице

 

Забава во Брежице