Елбрус, ДА Елбрус со своите 5642мнв е највисок во Европа. Политиката нека си остане во подножјето и нека не го нарушува раатот на нас вљубениците во планината!

Водени од желбата да се најдеме на покривот на Европа и да видиме до кај ни се можностите, 22-ца oбединети под водство на  Пача – Зоран Павлович се упативме кон суровата Русија во правец на западниот дел на планинскиот венец Кавказ каде гордо исправен се наоѓа заспаниот вуклан Елбрус.

22.07.2017 година 01:00часот од аеродромот Никола Тесла во Београд, тричлена екипа од ПСД МАКПЕТРОЛ Христифор Саракинов – Рики, Јовица Апостоловски – Јоцо и Јован Којовски – ЈоЈо како и еден член на ПД КУМАНОВО Томислав Јовановски – Томче го започнавме нашето патување кон себе надминување.

Патот до Трескол, село во подножјето на Елбрус не водеше преку Москва до Минерални води со авион, па до Трескол со ‘газели’ тамошни комбиња.

Планот за искачување на Елбрус беше проследен со неколку аклиматизациски искачувања се со цел навикнување на организмот на височината поради полесно совладување на завршното искачување. Утро проследено со поглед во недоглед од снежни врвови и тераси кој во секој момент чиниш ќе се скршат и ќе предизвикаат лавини, ние спремни за нашата прва  аклиматизација се упативме кон врвот Чегет 3600мнв….Во еден здив, и ете не на врвот, Сите видно расположени ги впиваат убавините до каде што им допира погледот, притоа внесувајќи големо количество на вода.

ПОСТОЈАНТА ХИДРАЦИЈА Е КЛУЧНА ЗА ОВИЕ ВИСОЧИНИ! Облаците кои донесоа со себе дожд ни го расипаа уживањето и моравме да се збогуваме прерано со Чегет.

Следното утро се упатуваме кон туристичката населба Азау од каде што и започнува гондолата која оди до Гарабаши 3847мнв каде што се сместуваме во контињери со капацитет од 8 луѓе со постојан довод на електрична енергија и греење. Ноќ, прв пат од кога дојдовме ја почуствуваме суровоста на Елбрус. Ветер со јачина од која мислевме дека утрото ќе го дочекаме повторно доле во Азау. Но за џабе не е произлезена народната ‘на руски начин’, цврсто и сигурно но на око круто.

Нареден ден се упатуваме кон највисокиот сместувачки капацитет на Елбрус, домот Приут 11 кој се наоѓа на 4150мнв. Веќе сместени сите со желба за што помалку да останеме горе, во превод без искористување на резервните денови планирани доколку планината не ни дозволи да го посетиме нејзиниот трон ја започнуваме нашата аклиматизација каде што на повеќето ќе им биде првата 5000-ка. Започнуваат да се јавуваат и првите благи знаци од висинка болест проследени со главоболки и ‘slow motion’ ефекти. Благодарение на искуството кое со себе го носи нашиот водич Пача, советите кои постојано ги даваше, посветеноста кон секој член посебно и диктирањето на соодветно темпо без некои потешкотии ја одминуваме Пастухова стена  4800мнв и стигнуваме до напуштетниот (заглавен) ратрак 5050мнв. Поглед кој ти дава чуство на бесконечност, ние со облаците под нас….се воочува закривеноста на хоризонтот. Се забораваат почетните симптоми на висинска болест. Изминат час во возхит и полека се симнуваме кон Приут 11. Ден слободен.

Расположение на највисоко ниво, дружба, стекнување длабоки пријателства, проверка на опремата, овековечување на моменти кои се носат за цел живот,смеа….но во сите нас тлее неизвесноста за финалното искачување. Пробуваме да фатиме ран сон 19:00часот, ама оди па заспиј (чест на исклучоци), неизвесната за дојденото си го прави своето. И ете го Пача во 23:00 часот дава знак да се започне со спремање за завршното искачување. 27.06.2017година на полноќ сите со запалени челни ламби еден позади друг на чело со Пача, дисциплинирано го започнуваме патот кон целта. Небото ведро, мислиш ако се подадеш ќе си фатиш ѕвезда за желба, ветре бочно дува доволно силно за да не потсети за суровоста на Елбрус. Темпото на движење е со интензитет доволен за да не осети никој од групата замор. Почнува да се чуствува студот, но со стегнати заби сите грабаат кон висините во исчекување на жолтата топка која живот дава. Близу Пастухова стена се појавува….вакво изгрејсонце му посакувам секој барем еднаш во животот да доживее. Го проследуваме со поголема пауза на Пастухова стена. Пача ја контролира и проверува состојбата на целата група, дели медикаменти на тие што имаат потреба.

Се упатуваме по глечерот полн пукнатини по добро обележана патека оставајќи го зад нас напуштениот ратрак заобиколувајќи го Источен Елбрус 5621мнв во правец на седлото помеѓу двата Елбруса. Два часа изминати по речиси рамен пат на висина над 5000мнв одејќи кон седлото беа сосема доволни да сватиме дека тука е веќе друг свет. Нозете станаа оловни, сон те фаќа во момент на движење, изнемоштеност, чести паузи…Е во вакви моменти се гледа големината на водичот чии животи сте му ги довериле. El Grande – Пача никого не остава, дава кураж, по некоја заушка за расонување, совети, ја има целосната контрола врз групата. На седлото правиме поголема пауза. Ни останува уште последниот успон, а тој па како за инает на посетителите најстрмен. Поголемиот дел од нас ги оставаат ранците на седлото и после земената пауза од 10-15 минути (уште незнам како собравме сила) се упатуваме кон зацртаната цел. Чекор по чекор (верувајте многу се кратки) го совладуваме полека последниот километар. Излегуваме на сртот каде што очекувавме да го видиме врвот….а од него ни трага ни глас. Не пресретнува група Чеси кои штотоку ја погледнале Европа од нејзината највисока точка. Ни кажуваат дека врвот е позади маглата, уште малку ви останува. Не пречекува и нашето пријателче од стартот сега со поголем интензитет, оневозможувајќи не во нашата цел. Дува во правец на движење отежнувајќи ни го дишењето на и така доста разредениот воздух. Сериозен проблем ми создава мене(Јовица)! Се отвара врвот на само 200метри од нас. Толку блиску, а никогаш подалеку…За брзо со соодветна кординираност од Јојо, Тата, Рики и Тома во 10:30часот стигнавме до точката за која бевме дојдени и живеевме во исчекување долго време.

Во 10:30 тричлената екипа од ПСД МАКПЕТРОЛ – Христифор Саракинов – Рики, Јовица Апостоловски – Јоцо и Јован Којовски – ЈоЈо ете не на врвот прегрнати го прославуваме нашиот успех нормално тука е и Томислав Јовановски – Томче како и други членови на нашата група. Тронот на ЕЛБРУС и сета мака за момент исчезнува, времето застанува, ахх поглед…само воздишки, среќа, еуфорија, ендорфин во количество да задоволи помал град. Ветрот себично не ни дозволува да останеме подолго.

Со Елбрус позади нас, во видна еуфорија не ни осетивме кога се најдовме во Приут. Сите на број, живи здрави збрани споделуваме импресии и сумираме: 18 искачени на тронот, 4 во негова близина сите во одлична здраствена состојба, нема место за разочарување.

Уште една преспиена ноќ на 4150мнв и ете не од каде што започнавме, Трескол. Планот за искачување на Елбрус соодржеше 3 резервни дена, но ваквиот склоп на енергии и харизми не оставија простор Елбрус да не ни дозволи да го посетиме неговиот трон и да имаме потреба од искористување на резервните денови. Трите резервни дена ги искористивме во тотален хедонизам.

Остана уште најтешкото, разделбата со новостекнатите пријатели кои ми останаа врежани длабоко во мене. Пријателството стекнато во ваков склоп на околности трае доживотно.

Елбрусци, ВЕ САКАМ висините не чекаат одиме понатаму!!!

 

Напишал: Јовица Апостоловски

Фотографии: многумина

 

1

 

2

 

3

 

4

 

5

6

7

 

8

9

10

 

12

 

13

 

 

14

 

15