30-31.03.2019 Солунска Глава

30-31.03.2019 Солунска Глава

Викенд на Јакупица, Солунска Глава

Сабота 30 Март, 8 часот, 11 луѓе, членови на ЗПСК Макпетрол и Фри Хајкерс-Неготино, подготвени за викенд на Јакупица. Тргнавме по широкиот колски пат со цел извори на река Бабуна. Како логистика имавме и џип кој ги носеше ранците (хедонистичките реквизити) до дом.
После 6 км, од главниот пат се издвојува планинарска патека во десно, која води до водопадот и изворите на река Бабуна. Се упативме во тој правец. Патеката беше видно и прегледно маркирана со црвено бела хоризонтална маркација се до водопадот каде ја направивме и паузата за кафе. Малку потаму беа и изворите и пештерата. Патеката до пештерата беше проодна и сигурна, па и неа ја посетивме. Враќањето беше по истата патека и по колскиот пат се до планинарскиот дом Чеплес.
Се пријавивме кај домарот уредно си плативме и си ги добивме однапред резервираните места во стариот дел од домот. Во домот се е по старо, како од времето. Дури и кујната ја има истата улога како од времето, па имавме можност да си спремиме соодветна вечера и да уживаме во истата без било какви забелешки од страна на новиот домар.
Недела 31 Март, 6 часот, 11 луѓе + двајца кои изразија желба да ни се придружат. Првичниот договор беше да се движиме по зимската патека, но по разговорот со локалните планинари кои ги затековме во домот и домарот, одлучивме да одиме по летната патека. Првиот контакт со снегот го имавме малку пред долна Бабина дупка. Снегот го имаше тук-тек и бидејќи сеуште беше рано утрото, беше солидно цврст, без реална потреба од користење дерези. Над долна Бабина дупка маркираната патека беше потрупана со налегнати дрвја и маркацијата се губеше. Следејќи го ГПС записот успешно и безбедно излеговме на Горна Бабина дупка. Од горна Бабина дупка до врвот, теренот беше шарен. Повеќето од времето се движевме по тревнат терен, а наместа и по снег со длабочина од 5 до 10 цм. Пред последниот успон направивме пауза да уживаме во погледот од останатите стреи на Нежилови карпи. На врвот како што е обичај не пресретна униформирано лице кое ни ги запиша личните податоци. Врвот беше во снег, а добредојде ни посака и малку појак ветер. Се сликавме на врвот и се симнавме надоле до првиот завет каде што направивме подолга пауза на убавото сончево време.
До пл.дом Чеплес се вративме по истиот пат, а до Нежилово се симнавме по сеча.
Времето беше сончево и мирно. Турата помина во најдобар ред, сите учесници се качија на врвот и успешно се симнаа до доле.
Уште еден викенд поминат во убаво друштво, на убаво место, по убаво време.

30-31.03.2019 Солунска Галава и извори на Бабуна

ПРОГРАМА

Опис на акцијата:

30 март, сабота –

08 ч. Поаѓање од с. Нежилово. За околу 2 часа пристигнуваме во Чеплес каде ги оставаме ранците и по краток одмор тргнуваме накај водопадот и изворите на Бабуна. Назад во домот би биле најдоцна до 16 часот.

 

31 март, недела

05 ч. тргнување од Чеплес во правец на Солунска Глава по зимска маркација. Враќање во Чеплес, мал одмор и симнување во с. Нежилово.

 

Технички податоци:

Нежилово-Чеплес 4.5 км. / 735 м. висинска разлика

Чеплес – Извори – Чеплес 11 км. / 830 м. висинска разлика

Чеплес – Солунска – Чеплес, по зимска, 14 км. / 1350 м. висинска разлика.

Тежина: Ова е многу тешка планинарска тура и за истата е потребна одлична психофизичка подготовка и не е предвидена за планинари почетници. Некаде од 1600-1700 мнв. ќе има снег, значи половина од патот ќе биде под снег и движењето ќе биде многу споро и напорно.

 Опрема: Планинарски чевли за зимски услови, планинарски стапчиња, дерези, цепин, топла повеќеслојна облека прилагодена на временските услови, очила за сонце, крема за лице со висок УВ фактор, челна лампа, полн мобилен телефон и компас.

Храна: од ранец, потребно е да се носи најмалку 2 литри вода (по зимската патека нема извори со вода).

Превоз: во сопствена режија.

Водачи:

Елена Петковска 078 332 486 или во inbox (Eli Elii)

Петар Герасимов 070 330 765

Напомена:

  • Учесниците во акцијата се должни да ги почитуваат насоките на водачите. Во спротивно самите се одговорни за несаканите последици.
  • Водачите имаат право да исклучат учесник/-ци на акцијата на почеток или во текот на акцијата доколку не ја поседуваат соодветната планинарска опрема и не ги почитуваат препораките на водачите.
  • Учесниците во акцијата се должни да се придржуваат на брзината на движење која ќе ја одреди водачот.
  • Водачите го задржуваат правото за прекинување или промена на акцијата во зависност од врменските услови или некои други неприлики.