Во утринските часови на 20 мај, платото пред некогашната караула (сега реконструирана како Бигорски Скит “Свв. Кирил и Методиј”) над селото Битуше беше почетна точка за искачување на Голем Крчин за педесетина планинари во организација на неколку планинарски друштва. За голем дел од нив ова беше една од ретките можности да се посетат прекрасни предели движејќи се по солидно обележани патеки. Од друга страна пак, поголемиот дел од учесниците од групата организирана од старана на ПСД Макпетрол, добија и многу повеќе – прекрасни водопади, извори, карпи, езерца, шума и терен по кој речиси и да не стапнала човека нога.

Првата цел за тој ден беа прекрасните крчински водопади познати како Цопузи, кои најдобро можат да се доживеат во овој период од годината кога се топи снегот на потегот северозападно од Голема Краста (2118 м.н.в.). Дотаму се стига по половина час (вкупно час и пол од стартот пред скитот) напуштајќи ја главната патека што води до Голем Крчин кај ливадата и одејќи по стрмно беспатје во насока на северниот дел на карпата. Втората цел, врвот Голем Крчин беше исто така искачен на помалку вообичаен начин, од северната страна, при што повторно во најголем дел групата се движеше по стрмен терен, на неколкупати „пресечен“ од лавини, во долниот дел со густа вегетација, а погоре со снег. По искачувањето на врвот (2 часа сметајќи од под водопадите), оние кај кои се почувствува поголем замор се вратија преку главната патека, додека другите продолжија кон третата цел за тој ден – Турен Камен –  поминувајќи питоми тревнати предели со снег, езерца и потоци и по 3-3.5 часа се вратија преку одлично обележаната патека што води од Битуше до врвот Веливар, на тој начин правејќи кружно движење од речиси 20 км.

Во продолжение фотографии и детали:

Подготовки за почеток на акцијата на селската ливада над Битуше, покрај некогашната караула. Во далечина се гледа Голема Краста, карпа чијашто најголема височина е околу 400 метри и постои само едно место од каде што може да се искачи (делот каде што има мало парче шума) без користење дополнителна опрема.

На северниот дел од Голема Краста се наоѓаат трите водопади, познати како Цопузи високи безмалку 50 метри, што ги прави втори по височина во Македонија. Во лето првиот и третиот пресушуваат, додека од вториот само малку тече вода. Поради тоа најдобро е да се посетат во мај или на почетокот на јуни. Горниот дел на водопадите е на околу 1700 м.н.в. додека долниот е на приближно 1650 м.н.в.

Поглед кон највисокиот дел на Голема Краста од ливадата на околу 1500 м.н.в. Оттука започнува незгодното искачување кон водопадите.

Од ливадата кон водопадите на почетокот се поминува стрмен шумски предел, без никакви патеки или видливи знаци дека некој тука воопшто се движел. За ориентација може да послужи големата карпа (лево на сликата).

Пристапот кон водопадите по излезот од шумата – се работи за каменест терен, а на неколку места има и сипар.

Поради нивната големина и близината на пристапот, речиси е невозможно водопадите да се фотографираат по целата височина од оваа позиција.

Под првиот водопад. Првично беше планирано да се дојде само до тука и да се искачи Голема Краста преку стрмниот премин петстотини метри лево од првиот водопад. Но кога поголем дел од групата, појде да го види и вториот водопад, беше одлучено да се заобиколи Голема Краста од северната страна, на тој начин жртвувајќи половина час, но добивајќи можност да се видат одблизу сите водопади.

Вториот водопад има најмногу вода и тој претставува главна изворишна членка на реката Битушница.

Преминот под вториот водопад беше доста интересен. Доколку и имате среќа да не ги наводените нозете, сепак ќе добиете бесплатно „туширање“ од водата што се распрснува на сите страни.

После третиот водопад, заврши незгодното преминување преку вода, но започна „борба“ со густата шума.

При заобиколувањето на карпата најдобро е да се движите во нејзина близина (се разбира, каде што е можно) бидејќи таму вегетацијата е најретка. На многу места се наидува на извори кои изобилуваат со вода во овој период од годината.

Над карпата се излегува на една козја патека што ги поврзува месноста Мирчев Присој (присојната страна на местото каде што завршува карпата) и извориштата над Голема Краста. На ова место патеката е пресечена од голема лавина чии остатоци беа и сега видливи.

Искачување по снег кон главниот срт. Кога е суво, може да се искористат и неколкуте патеки кои се спојуваат со главната траверс-патека непосредно под сртот.

Поглед кон Голема Краста од горната страна. Во позадина се гледаат сртовите на планината Бистра.

Извориштето на реката Битушница.

Излез на главниот срт каде што е границата со Албанија. Тука имаше големи снежни наноси.

Поглед на Голем Крчин од северната страна.

Првите планинари од другите групи веќе се искаччуваат.

Поглед кон соседниот врв Рудина (2238 м.н.в.) и во позадина северните делови на планината Стогово.

Најбезбедниот премин меѓу карпите од северната страна.

Цела група на Голем Крчин. Од неа деветмина се искачија преку северната страна. Кон Турен Камен продолжија петмина.

Повторно симнување преку тесниот премин. На десно има голема провалија во височина 300-400 м.

Движење по главниот срт. На местата каде што нема снег се појавува убава и разгазена патека. Со цел да се избегне одењето по изохипса по снег, групата процени дека е подобро да ја искачи котата (2175 м.н.в.) на левата страна од сликата.

На симнување од котата. На одредени места снегот беше цврст, што придонесе да се забрза движењето. Во позадина се гледа Голем Крчин.

По преминувањето на мочуриштето Сува Бара, теренот станува многу попитом со тревнати ливади, мали полиња, езерца и многу потоци. Поради тоа, покаменестиот дел од планината Дешат локалното население го смета како посебна планина – Крчин. Единствен предел што колку-толку потсетува на Голема Краста и Голем Крчин е Турен Камен.

На потегот помеѓу Турен Камен и преминот Света Недела под Веливар, има три мали леднички езера од кои Северното и Јужното Езеро се посебно интересни бидејќи иако мали, се многу длабоки и водата од Јужното се прелива во Северното.

Нормално беше групата да направи мала пауза за јадење на ова место. Во меѓувреме блесна и сонцето, па се виде убавината на длабочините на езерцата.

Од езерцата надолу патеката е со обновена маркација, а на некои места направени се и убави клупи за одмор со масички.

Премин преку Османова Ливада (1650 м.н.в.) каде што има мало искачување коешто не треба да ствара забуна бидејќи потоа патеката се спушта повторно кон езерото Локув.

Езерото Локув е најниско ледничко езеро во Македонија иако на прв поглед делува како големо мочуриште. Но ледникот што се истопил и ја формирал долината помеѓу Света Недела и Јаловарско Брдо (врвот на десно, висок 2116 м.н.в.), завршил токму тука. Во овој период пристапот до езерото е незгоден бидејќи бреговите се поплавени, а има и многу кал. Езерото е многу длабоко дури и на самите рабови.

По преминот на Требишка Река, на патеката кон Битуше има неколку чешми и извори, но најубава е Бранова Чешма непосредно пред некогашната караула, прекрасно место за разладување по напорното пешачење.