Федерацијата на Планинарски спортови на Република Македонија

Со гордост Ви го најавува големиот настан

ЕДУКАТИВНО – ХУМАНИТАРНО – ПЛАНИНАРСКА АКЦИЈА

МАТКА 2018

Сабота 05 Мај 2018

Почитувани медиуими,

Ни претставува особена чест и задоволство како најмасовна спортска организација кај нас, а во името на нашите членки, како Федерација на Планинарски спортови на Република Македонија да Ве информираме а воедно и запознаеме со првото издание на големата Едукативно – хуманитарно – планинарска акција Матка 2018 која ќе се одржи следната сабота – 05 мај пред Планинарскиот дом Матка!

Следната сабота (05 мај) од 10.00 до 16.00 земете ги децата, пријателите, екипата, друштвото и правец на Матка. Поканети сте сите вистински љубители на природата, планините, спортот и рекреацијата  на најубавиот кањон во Европа – Матка. Забавата, дружењето и спортувањето се целосно бесплатни! За Вас подготвивме интересни штандови, на кои ќе се запознаете со сите детали за планинарските клубови, како да станете член, кои се следните планинарски предизвици, како да бидете дел од нашата Федерација… Оваа планинарска акција, ќе биде традиционална и ќе се оддржува секоја година под мотото: сакај ја природата, љуби ја планината, едуцирај се и биди хуман! Оваа прва година како организатори на настанот се јавуваат едни од најстарите планинарски друштва од нашиот град, кој со децении едуцираат, анимираат и регрутираат нови млади вљубеници во природата и планинарските спортови, а тоа се: ПД Кораб – Скопје, ПСД Макпетрол – Скопје и ПК Шкупи – Скопје, а покрај нашите градски планинарски друштва, свое учество и поддршка ќе дадат и соседни пријателски клубови, кои воедно оваа година се и активни коорганизатори на големиот настан: ПД Козјак – Куманово и ПК Шари – Гостивар! Настанот е наменет за планинари – почетници, ученици и сите останати љубители на природата! Идејата е да се покажат и презентираат основните планинарски вештини, а  воедно и да се развијат хуманите чуства кај учесниците. Мотивот е дотолку поголем што со оваа акција уште еднаш ќе се сврти вниманието на Граѓаните на Град Скопје, колку е важна физичката активност, спортувањето, чувањето на планините, еколошката свест и крајно хуманоста на секој поединец во општеството! Ве повикуваме да ни се придружите во некоја од можностите и да бидете дел од Матка 2018!

Земете учество во една од двете планинарски тури на кои ќе ве дружат професионални планинари, кои заедно со сите  пријавени рекреативци ќе пешачат и ќе ги учат тајните на планината. Ќе има организирано две планинарски групи:

  • Група 1: Село Шишево – Манастир Св. Никола Шишевски – Кајакарски мост – Планинарски дом Матка
  • Група 2: Манастир Св. Богородица – Црква св. Спас – Планинарски дом Матка

Покрај пешачењето со професионални планинарски водичи, посетителите ќе можат да се запознаат со двете исклучително атрактивни планинарски патеки, основите на планинарењето, од професионалните планинари да слушнете кои се предизвиците на планина, што мора да се знае пред да се планинари, ќе се споделуваат искуства, ќе дознаете повеќе за флората и фауната, како и за тоа како може да се опстане во планина подолго време и во различни временски услови…  Наскоро ќе следуваат детали за начинот на пријавување, а ќе има и организирано бесплатни автобуси со кои граѓаните ќе можат да дојдат до местото на поаѓање за турите! Пред Планинарскиот дом Матка ќе има поставено Штандови на Планинарски клубови и Федерацијата на планинарски спортови, на кои ќе бидат делени и продавани мапи, компаси, книги за планинарење, планинарска опрема, проспекти за безбедност во планина, алатки… Средствата од продажбата ќе оди исклучиво во хуманитарни цели. За секој посетител е обезбедено бесплатно планинарско чајче и вода, а ќе се дели и ручек за планинари и посетители – традиционално планинарско гравче. Ќе бидат поставени и кутии за донации, а членовите на ФПСМ и на клубовите, кои ќе земат учество, ќе донираат храна, пари, обувки, облека, ќебиња исто така во хуманитарни цели. Црвениот крст за целото времетраење на настанот ќе организира крводарителска акција, на која ќе се дарува крв. Ќе присуствуваат десетици крводарители кои за оваа пригода ќе даруваат крв, во соработка со Центарот за трансфузиологија… Екипите на Црвениот крст на Град Скопје покрај крводарителската акција ќе организираат и неколку предавања и симулации како да се даде прва помош на планина! За најмладите ќе бидат организирани работилници со искусни предавачи и планинари кои низ игра и забава ќе им го доближат планинарењето и љубовта кон спортот на најмладите… Како се врзува јазол, како да се заштитиме од дожд или снег во природата, како најлесно да ја исушиме облеката, како да поставиме шатор во природа… за најуспешните дечиња од работилниците ќе следуваат и подароци од искусните планинари. Ја сакам Матка, го сакам Скопје – децата ќе цртаат свои цртежи на тема Планинарење, Скопје, Матка… истите цртежи ќе бидат симболично продавани на медонските компании и дел од учесниците а средствата повторно ќе бидат употребени во хуманитарни цели…

За нашите најмали и најмили планинарчиња ќе бидат тука и децата од Златно славејче, за малку повозрасните ќе има и ДЏ – сетови, стенд ап шоу и мнооогу изненадувања. Ве чекаме на првото издание на Едукативно – хуманитарно планинарската акција Матка 2018 во сабота 05 мај од 10.00 часот пред Планинарскиот дом Матка!

Детали за бесплатниот автобуски превоз:

Автобусите се обезбедени од ЈСП. Поаѓањето ќе биде од Транспортен центар во следните термини:

07:00  /  07:05  /  07:10  /  07:15  /07:20  /  07:25 часот

Попатни станици: 

– Автобуска станица кај пазар Буњаковец,

– Автобуска станица кај Т.Ц. Лептокарија  и

– Автобуска станица кај Бензинска пумпа на Макпетрол во Ѓорче Петров

Сите автобуси ќе бидат обележани на следниот начин:

ЗА  ПЛАНИНАРИ  МАТКА  2018

 

 

 

Спортски поздрав,

Федерација на Планинарски спортови на РМ