Црна Гора има неколку планински масиви со врвови над 2.400 метри; Проклетије, Дурмитор и Комови. Масивот Комови се наоѓа во југоисточниот дел на Црна Гора, опкружен со планината Беласица, со Кучките планини и со Проклетије.

Највисоките врвови на масивот Комови се Кучки Ком (2.487 м.), Среден Ком (2.483 м.), Љеворечки Ком (2.496 м.) и Васојевачки Ком (2.461 м.).

Најкратко (околу 2 до 2:30 часа од еко катунот Штавна) е искачувањето на Васојевачки Ком (2.461 м.). Подолго (до 4 часа) и понапорно е искачувањето на Љеворечки Ком (2.496 м.), а најнапорно и најдолго (4 часа) е искачувањето на Кучки Ком (2.487 м.). Среден Ком (2.483 м.) е за 4 метри понизок од Кучки Ком и е поврзан со него со опасен гребен.

Од Скопје до висорамнината Штавна во Црна Гора се стигнува преку Косово (Приштина и Пеќ) – Рожаје – Беране – скршнување пред Андријевица кон превојот Трешњевик (1.570 м.) и потоа уште 4 км до еко катунот Штавна на 1.787 м., во вкупна должина од околу 270 км во еден правец.

Еко катунот Штавна е комплекс од 10 современи куќички (со по 5, односно, со 6 кревети, кујна, бања), ресторан и прекрасен поглед кон врвовите на Комови.

 

Кучки Ком

Од еко катунот Штавна води обележана патека до раскрсницата каде што планинарските патоказите ги покажуваат насоките на патеките кон врвовите. Патеката кон Кучки Ком води преку сипар и зимзелена шума до Челото на Меѓукомље и до превојот Меѓукомље. Меѓу Кучки и Васојевачки Ком се наоѓа цирк, пространа камена долина во која некогаш имало глечер. До врвот Кучки Ком успонот е тежок и на места, опасен. Дел од обележаната патека води по гребен и е задолжителна опрема (шлем, појас, јаже, карабинери) за заштита од одронети камења и за искачување на врвот. Гребенскиот дел од патеката на места е широк 60-тина сантиметри, и се преминува преку нестабилни камени плочи. Билото на врвот Кучки Ком (2.487 м.) е пространо и од него се гледаат соседните врвови, другите црногорски масиви, долги камени реки и длабоки долини.

Нам до врвот и назад, со одмарање, ни требаа околу 8:30 часа со вкупно поминати 15 км., потрошени 3.000 калории и висинска разлика од 973 м. Д+.

 Љеворечки Ком

Од еко катунот Штавна водат две обележани патеки кон Љеворечки Ком. Едната патека (по патеката кон Кучки Ком) води до Меѓукомље преку зимзелената шума и сипарот до Челото на Меѓукомље и потоа, десно, по обележана патека, до висорамнината Љубан (1.812 м.). Втората патека води од еко катунот Штавна (1.787 м.), надолу, низ букова шума, кон реката Љубаштица (1.569 м.) и потоа нагоре, кон висорамнината Љубан (1.812 м.).

Од висорамнината Љубан кон врвот Љеворечки Ком (2.496 м.) води слабо обележана патека, прво низ стрмна тревната падина, а потоа, по стрмна патека со ситен камен до изложен каменит дел кој почнува 100 висински метри пред врвот. Потребно е големо внимание искачувањето и задолжителна е е опрема (шлем, појас, јаже, карабинери) за заштита од одронети камења и за искачување на врвот. Во периодот во кој ние бевме (20 – 23 октомври, 2017 годинс), под врвот имаше неколку снежни јазици кои го усложнија искачувањето и слегувањето.

Нам до врвот Љеворечки Ком (2.496 м.) и назад ни требаа околу 8 часа со вкупно поминати 14 км., со потрошени 3.000 калории и вкупна висинска разлика од 1.167 м. Д+.

Масивот Комови нуди многу можности за активности на отворено: планинарење, велосипедизам, планинарско трчање, прошетки до подножјето на врвовите, средби со љубезни домаќини и еколошки здрава храна.

Напомена

Искачувањето на Кучки и Љеворечки Ком е само за искусни планинари и со задолжителна употреба на планинска техничка опрема.

Напишал: Горан Николоски

Фотографии: Горан Николоски