„Каде бевте?“ „На крајот на светот“, им кажувавме на пријателите.

„Where are you from?“ – не прашуваа патем. „From Macedonia“, им одговаравме. „Where is that?“ – се интересираа. „FIN DEL MONDO“, „На другиот крај на светот“ им објаснувавме со смеење.

И навистина бевме крај на светот. Скопје – Солун – 5 часа. Солун – Истанбул – 1 час. Истанбул – Сао Паоло – 12 часа. Сао Паоло – Буенос Аирес – 2 часа. Буенос Аирес – Ушуаја – 4 часа. Побрзо ќе стигневме на друга планета.

Во авионите јадевме, спиевме и се дружевме со луѓе од цел свет. Со студентка од Чешка која во Буенос Аирес ќе учи шпански јазик; со аргентинката Ноелиа која ни го откри танго клубот „La Viruta“ во Буенос Аирес каде што уживавме во тангото до рано наутро; со стујардот Енгин од Turkish Airlines чија баба била од Куманово, со бразилци кои во Истанбул пресадуваа коса. Во Патагонија се запознавме и со полјаците Ева и Јацек кои со возило шетаат низ светот; со стружанката Малидона која самата шеташе низ Патагонија; со германците Кристијан и Ева кои се качуваа на Фиц Рој; со Фредерик од Данска кој автостопираше и бараше хуманост низ светот; со Надав од Израел кој имаше направено перфектни фотографии од врвовите Торес дел Паине и со Џули од Австралија која беше на Антарктик. Но, најмногу ми се допадна што уште подобро се запознав со луѓето со кои тргнав во Патагонија. Со Лиле, Наташа, Климентина, Димитар и Валерјан. Такво дружење, смеење, пеење одамна немам видено на некоја тура.

Патагонија е голема област во јужниот дел на Јужна Америка, многу ветровита, поделена меѓу Аргентина и Чиле, меѓу два океани, Атланскиот и Тихиот, со површина од 1 милион километри квадратни. Колку 40 Македонии.

Зошто отидовме таму? Па, тоа е многу ретко посетуван предел на планетата Земја. Барем така мислевме, пред да појдеме таму. Патагонија навистина е голема и ретко населена област, со густина на население од 1,9 жители на квадратен километар (помалку жители имаат само Фолкландските острови и Гренланд. За споредба, во Монако живеат 25.718 жители на квадратен километар). Но, Патагонија е посетена од многу туристи од цел свет. Американци, Французи, Германци, Изралци … и сега Македонци. Локалните жители ни кажуваа дека во текот на летната сезона има и до 300.000 туристи по националните паркови низ Патагонија. Ние мислевме дека во најјужниот град на светот, Ушуаја, има само 3 куќи, два брода, еден аеродром и милион пингвини. Но, Ушуаја е град со 57.000 жители, убави ресторани, скијачки центар и милион пингвини. Низ Ушуаја поминал Магелан во 1520 година, поминал и Чарлс Дарвин со бродот „Beagle“ во 1833 година и шестмина Македонци во 2018 година.

Според некои истражувачи името Патагонија потекнува од зборот Патагон со кој Магелан ги нарекол жителите на локалното племе Техуелче, кои му личеле на џинови, многу повисоки луѓе од европјаните.

Времето во Патагонија е толку непредвидливо што не помагаат ниту најсовремените метеоролошки инструменти. На сите интернет страни за временска прогноза покажува дека денот ќе биде сончев и ветровит, а заврнува 15 сантиметри снег. Многу е ветровито, почвата неплодна и корењата на дрвјата плитки, така што шумите изгледаат „масакрирано“, со многу паднати и исушени дрвја. На некои места дрвјата се толку извиткани од константниот југозападен ветер што станале вистинска туристичка атракција. Најпогоден период за посета на Патагонија е периодот декември – март, кога е летната сезона на јужната хемисфера.

Патагонија е прошарана со национални паркови. Tierra del Fuego (Огнена земја), Los Glacieres, Torres del Paine, Patagonia …. Кој поубав од другиот. Во сите има убави езера, уште поубави планини, огромни глечери и диви животни.

Најубавото езеро што го видовме беше Lago Sucia, смарагден котел под врвот Fitz Roy во Чиле. Не знаевме каде прво да гледаме; дали во врвот Fitz Roy и во околните гранитни стени обвиени со облаци, или во смарагдното езеро под нив.

Најголемиот глечер до кој се приближивме беше Перито Морено. Тоа е вистинско чудо на природата. И баш кога ние решивме да го посетиме, се случуваше феномен. Еднаш на 5 години глечерот се спојува со копното и го дели езерото Лаго Аргентино на два дела. Горниот дел од езерото пробива тунел низ глечерот кој беше пред рушење. Тоа беше национален настан во Аргентина и целата држава го следеше настанот преку телевизија. Или во живо. Глечерот, чие чело е високо 70 метри, се движи 2 метри дневно и на секои 5-10 минути огромни делови од глечерот паѓаа со силен тресок во водата. А, бојата на глечерот беше феноменална. Разни нијанси на сина боја испреплетени со бел снег и темни линии од земја. Колку посина боја има глечерот, толку помалку кислород има во мразот и низ таквиот мраз поминува само сината боја од светлинскиот спектар.

Најубавото мало населено место што го видовме беше најновиот град во Аргентина, кој постои само 20 години, планинарскиот центар на Аргентина, Ел Чалтен. Гратче со една права улица, убави мали куќи, уредени тревници и многу планинари и качувачи.

Најубавото изгрејсонце, кое траеше 2 минути, го видовме на Torres del Paine во Чиле. Црвена светлина ги осветли масивните гранитни карпи на Torres del Paine, баш додека доручкувавме во Рио Серано и додека Валерјан медитираше.

Најубавото месо го пробавме во Ел Калафате во Аргентина, во ресторанот „Casimiro Bigua Restaurante&Parilla“, во кого неколкупати се навраќавме за да не го заборавиме вкусот на бифтекот и јагнешкото месо. И на виното Малбек.

Шетавме низ мистичната шума кога одевме кон Лагуна Есмералда. Искривени стебла, од чии гранки висеа долги, зелени, брадести лишаи кои полека се вееја на ветрот.

Патагонија е огромна зоолошка градина. Пингвини трчаа покрај нас, морски лавови се бореа за женка, стада гуанако, вид на лама, мирно пасеа покрај патот, над нас летаа кондори, фотографираме јато фламинга, покрај нас трчаа мустанзи (коњи) и љубопитно не посматраа ноеви.

А, Буенос Аирес не освои со концертот на танго музика на групата Orquesta Tipica Misteriosa; со шарената населба Ла Бока; со 20 метри високиот метален цвет Floralis Generica кој се отвора на сонце; со танго чекорите кои ги научивме во танго клубот „La Viruta“; со изложбите во културниот центар Кирхнер;  со огромниот обелиск среде авенијата 9 Јули.

„Мислам дека таму не бевме свесни колку убави работи ни се случуваат“ рече Димитар. Она што го видовме во Патагонија засекогаш ни се врежа во главата и тешко дека ќе го пренесеме со зборови и  фотографии. Патагонија треба да се види и почувствува.

Напишал: Горан Николоски

Фотографии: Лилјана Најденова, Горан Николоски

 

 

Буенос Аирес

 

Ла Бока

 

Буенос Аирес

 

Ушуаја

 

Лагуна Есмералда

 

Харбертон

 

 

 

На крај на светот

 

Глечер Перито Морено

 

Fitz Roy во позадина