Сабота 13,01,2018г, 6:00ч. зборно место бензиска Макпетрол на излез од Скопје…

Учесници: Рики, Петар, Тоше, Маја, Јојо, Томе, Дејан, Симона, Ели

Не паметам точно кој ден беше, но точно паметам дека идејата ноќ на Церипашина направи поп ап во една групна порака на месинџер. Веднаш започна прелистувањето на веб страните со метеролошки информации. Интересно…Ќе замрзнам, ама ќе одам да го доживеам замрзнувањето. На брзина се преслушавме, кој што има од опрема и прецизиравме детали.
На Шапка (1780мнв.) бевме некаде околу 8,30ч. Чевли, дерези,скии,ранци… Кога ги намонтиравме ранците на грб сфативме дека се прилично тешки. Но, што е тука е, мора да се однесе.
Тргнавме. Времето воопшто не беше нит ветувачко, нит идеално. Вееше снег, небото беше потполно затворено, магла… Набрзо го фативме ритамот на движење кое се повеќе личеше на каскање. Но нели, на долги релации темпото треба да е такво, па заклучокот беше дека е идеално. Имаше тазе наврнат снег, доволно за да треба да се разгазува. Правецот беше само угоре кон целта. Дуваше западно ветре, доволно за да ти ја заледи целата западна страна од телото. Си велев, “ах ова западново уво скроз ми замрзна”.

Така окупирана од своите мисли,  после 2 ипол часа пешачење, пред мене се истопорија тарабите. Се насетува целта. И тогаш во пресрет се појавија четворица бордери, со кои за малку ќе се судревме поради густата магла. Се качиле со жичарата која повремено работи.

Ете не.


Церипашина 2400мнв, Шар Планина

Столбовите на жичарата, како и куќичката беа налепени со снег, како немој несмасно да го нафрлил врз нив. Нашите придружници, двата шарпланинци кои не следеа цел пат,си го најдоа своето место. Едното  мирно си се скупчи покрај последниот столб и задрема, додека пак другото си се врати доле во Конак. А нас не чекаше работа.

На брзина влеговме во куќичката, да се преслечеме и донаоблечеме чунки населбата на Церипашина требаше да се изгради. Јакни, капи, ракавици, очила, лопати во рацете и на работа. Се направија четири парцели, колку што имаме шатори. Се отворија и намонтираа шаторите. Некои прицврстени со колчиња во снегот, други со штеки и цепини, трети со кеси полни со снег. За кратко време се беше стокмено онака како што треба.

Се вративме во куќичката и оддендаш се почувствува топлина, налик на домашен амбиент. Вистински домашен амбиент со распалено ќумбе на сред соба. Никој од нас не знаеше дека во куќичката ќе има ќумбе и дрва. Тоа значеше дека ќе можеме сите заедно на куп да се дружиме и уживаме, бидејќи во спротивно ќе моравме да седиме секој во својот шатор, во вреќа, како не би испомрзнале. А ладно беше, да не се залажуваме.

Забавата започна со чај, па кафе, па сендвичи….Софрата се стокми, баш онака како што доликува на празнична софра. Од пиле млеко и после ранците биле тешки. Џагор и смеа се слушаа и надвор низ глувата темница. Целата куќичка зрачеше со топлина и позитивна енергија.

Како за крај на вечерта “кумата” го подели лепчето со паричка и го предаде кумството. Следната година во исто време на исто место со друг кум, повторно ноќ на Церипашина.

Некаде околу 21ч решивме да си ги запоседнеме вреќите за спиење. Од дома тргнав со мислата дека таа ноќ нема да ми студи и не ми студеше. Но не беше до мислата, повеќе беше до вреќата која беше за, до -40С, а таа ноќ надвор беше околу -15С.

Мрак, потонав во сон, се додека не ме разбуди алармот (6,00ч). Прво ги протегнав рацете и почувствував дека вреќата од надворешна страна е мокра. Ги отворив очите, запалив челна и се изненадив. Шаторот од внатрешна страна беше заледен. Како некој да беше го нацртал по цела западна страна со минијатурни шилци-мразулци. Се што кондезирало од дишењето ноќта, утрото се претворило во мраз. Но не беше ладно, напротив, во шаторот беше пријатно, а температурата беше само 0С.

Не ни требаше долго време да се спакуваме, се напивме утринско кафе во куќичката на топло и тргнавме надолу. И надолу како и нагоре одевме со дерези. Некој ќе рече “што ќе ви се на ваков снег”, но дерезите се единствениот (еден од неколкуте) аксесоар без кој не се оди зимно време на планина, исто како што не се оди без штикли во диско.

На Шапка бевме во 8,00ч. И пред да се приклучивме на зимската школа во организација на Макпетрол, на вработениот на жичарата церипашина, му дадовме симболична сума за потрошените дрва во куќичката.

Прашкастиот снег, маглата, западното ветре, шаторот, дружбата, населбата на Церипашина….моменти кои секој планинар би требало да ги доживее, а оној што веќе ги доживеал барем уште еднаш да ги повтори.

И да беше поинаку, можеби немаше да биде толку добро како оваа ноќ на Церипашина.

 

Автор на текстот: Ели

Фото: Сите