Пирин е наш… Или нивни… Чиј ли е? Преубав е. Сите си го сакаат за себе. Секој со различна цел, и од различни побуди. Но дали секој го заслужува, се прашувам? Кога сакаш нешто, даваш одредена жртва за тоа, треба и да го заслужиш. Кога бараш треба и да дадеш за возврат. Ако го сакаш треба и да го чуваш и негуваш.

Трета година по ред во ова исто време ги поминувам овие педесетина километри и секој пат се трудам да сфатам како може на толкава дистанца, три дена трeкинг, да не видам ниту едно книвче, опушок, некаква амбалажа или било што, што би ми асоцирало на цивилизација. А луѓе безброј… И тоа во нормален викенд. Зачудувачки. Домови  скоро на секое езеро, а езера „рој“, и сите полни. Не може место да се најде. Патеки извонредно маркирани со видливи ознаки (летни, зимски), табли со информации, прекрасни шуми, ниту едно дрво исечено…

… И така одиме по змиулестата патека која спојува две езера, беа тоа Окото и Рибното, чинам,  и некој рече: замислете на што би личела планинава кога би била во Македонија?!… Најискрено, не би можел ни да помислам, ниту пак сакам…

Годинешнава замисла да се помине истата маршрута како неколку пати до сега не успеавме да ја реализираме, бидејќи не успеавме да резервираме места во првиот дом каде требаше да отседнеме првата ноќ. Како пари да делат по домовите… Веројатно така би искоментирал некој наш урбан каубој чии воздишки ги предизвикуваат убавините на Скопје 2014.  Хижа Јаворов, еден од најубавите домови во кои сум престојувал до сега, нешто како Мериот би рекол, на наше големо жалење беше преполн тој викенд. Оттаму требаше, како и претходните години, да преминеме преку Разлошки и Бански Суходол па преку Кончето на Кутело еден и Кутело два и на крај на Вихрен. Ново настанатата ситуација наложи да го промениме планот и да спиеме ѝ првата вечер во хижа Бандерица и оттука да ги фатиме врвовите предвидени за првиот ден.

… Време малку а апетити големи. Што попрво да се види за 3 дена. Седиме така и одмараме на 2884 м. на Бански Суходол и ги гледаме врвовите. Некако погледите ни застануваа секој пат на Синаница. Си викаме, ќе имаме ли време и него да го качиме, ама не, рековме сепак да се држиме до програмата. Ама кратко траеше. Веднаш се јави нова идеја, последниот ден да не го завршуваме како вообичаено на Безбог туку да направиме враќање преку хижа Демјаница. Си викаме, зошто да не?! … Договорот падна, едногласно. Никој од нашата група претходно не поминал оттаму. Знаевме од прилика каде се скршнува и не ни беше некој проблем да го најдеме патот и да се ориентираме во просторот. Нели, „Пирин е наш“, зарем на сопствен терен да се изгубиме?

Малку сум хаотичен со впечатоците нели? Такви секогаш ми предизвикува Пирин. И сé уште не можам да сфатам како може да има толку многу езера на толку мал простор, расфрлани таму-ваму, лево-десно, позади секое врвче, позади секое ритче, насекаде. Како огромен парк проектиран од… Гауди во најмала рака. Да бев поет ќе напишев песна за Пирин. Сликар сум… Ќе мора да насликам една слика барем во најскоро време. Кога помислувам на планина, Пирин ми излегува пред очи… Епа да, тоа е тоа… Одам на Пирин повторно. Веќе утре. Да си ги средам мислите, да разјаснам некои работи и да уживам во совршенството наречено Пирин.

И сé уште останува дилемата, чиј е Пирин?… Јас сепак мислам дека е мој…

DSC_0076

DSC_0128 DSC_0129

DSC_0142

DSC_0172

DSC_0182

DSC_0195

DSC_0337

DSC_0348

DSC_0372

DSC_0390

DSC_0396

DSC_0407

DSC_0444

DSC_0475

DSC_0486_1

DSC_0510

DSC_0513

DSC_0546

DSC_0638

DSC_0650

DSC_0653

DSC_0708

DSC_0725

DSC_0737

DSC_0776

DSC_0796

DSC_0798

DSC_0800

DSC_0805

DSC_0828

DSC_0837

DSC_0881

DSC_0894

DSC_0898

Технички податоци: 46 км. / 4111 м. Д+… И езера рој…