За Словенија е речено: „Кога Господ ја создал земјата и почнал да ги расфрла убавините насекаде по неа, неговата торба се скинала и сите богатства се истуриле на едно место, на ова парче земја.“ По шестдневното дишење со полни гради заедно со планината, не би можеле да се согласиме повеќе со таа карактеризација. Јулиските Алпи се поезија од планина.

Од Скопје тргнавме седуммина во комбенцето на Outdoor Adventure, створено за авантури и убави екипи: Горан Николоски (водич и организатор), Стојан Хаџи-Јефтимов (помошник водич и поддршка за превоз), Ангелина Атанасова, Христијан Ивановски, Ивана Герчакова, Снежана Велјановска, Елена Ѓорѓиевска (јас), две лубеници, две гајби со праски и една со кајсии 😊 и полно комбенце со убаво расположение, со план да ги искачиме петте највисоки врвови на Јулиските Алпи (Мал и Голем Триглав, Монтаж, Шкрлатица и Мангарт), од 8-ми до 14-ти јули 2017.

Пристигнавме во Словенија доцна навечер, па веднаш се фрливме на спиење во Тонкина куќа, на патот кон превојот Вршич, највисокиот превој во Словенија. Додека возевме по серпентините нагоре кон куќата, Горан ни објаснува дека овој пат бил всушност еден од најтешките сегменти на некогашната велосипедска „Трка низ Југославија“. Во раните утрински часови ја напуштивме куќата и со комбето се упативме кон Италија. Преку Тарвисио, стигнавме до долината во близина на скијачкиот центар Села Невеа, на платото наречено Altipiano del Montasio na 1450 м.н.в. каде започна нашето качување кон првиот врв од петте планирани на нашата тура – Jof di Montasio или Монтаж (2754 м.н.в.). Тргнавме со лабави мисли и малку несвесни за предизвикот што нè чека. Наместо тура од 3 часа, денот ни приреди изненадување кое ги стави на тест нашата издржливост, способности и страв од висина. Од преубавата зелена долина брзо се качивме до домот именуван по грофот Giacomo di Brazza, италијански истражувач, географ и планинар – Rifugio di Brazza. Оттаму пречевме низ долината околу 4 km по маркирана патека во подножјето на прекрасниот карпест и стрмен масив на Монтаж кој се издигнуваше над нас, повремено слушајќи ги препознатливите звуци на мрмотите. Патеката нагло се исправи во вертикала во карпест терен каде на наше големо изненадување нè пречекаа локлните домаќини – неколку дивокози кои ни беа вистинска атракција тој ден (најпознатата дивокоза специфична за овој предел е од сортата Алпски козорог). Наспроти очекувањата дека нашето присуство ќе ги избрка, тие беа исто толку љубопитни за нас колку и ние за нив, притоа на наша среќа и расположени за заеднички фотографии. Додека се обидувавме да најдеме сигурно фаќалиште или стапалка, тие претрчуваа со леснотија во скокови по стрмнините, едвај допирајќи ја земјата, мислиш ни го покажуваат патот. Качувањето низ кулоарот на Финденег е необезбедена, а на моменти доста изложена рута која требаше да не извлече на сртот на масивот. Ова е исто така и рутата по која е за првпат искачен врвот Монтаж во 1877 година. Во овој неколкучасовен предизвик моравме настрана да ги оставиме стравовите од височина и сомнежите во нашите способности и да се фокусираме на максимална концентрација бидејќи еден погрешно одбран и несигурен потег во движењето можеше да нè чини многу. Со секој чекор не само што моравме да мислиме на нашата безбедност, туку и мораше да внимаваме да не турнеме камен на и онака лесно кршливата варовничка карпа кој би можел да повреди некој под нас. Водството на Горан и искуството на Столе како качувач беа повеќе од важни за да излеземе безбедно на сртот. Оттаму, со поглед на двете долини, веќе далечни, од спротивните страни на масивот, стигнавме конечно до крстот поставен на врвот Монтаж со големо олеснување дека најтешкото е зад нас. Враќањето го направивме по фератата која минува низ Пипановите скали (вертикална метална скала со висина од околу 60-тина метри) по далеку побезбедна и лесна патека од онаа за нагоре (тука бевме обезбедени со ферата сет па тој момент даде огромна психолошка сигурност). На влезот назад во долината, не дочека цитат од „Чистилиштето“ на Данте Алигиери наменет за патниците кои оттука одат нагоре – “оди сега нагоре, бидејќи си спремен”. Бевме и се симнавме. Според мојот гпс запис, во времетраење од речиси 11 часа, качивме висина од 1290 метри на патека со должина од 13,2 km. Го поминавме успешно “огненото крштевање” на „Тур де Словенија и Италија“ со едно искуство плус и по некој воспален мускул.

Наредното утро нè разбуди ситен дожд со јужен ветер во домот под Мангарт на 1900 м.н.в. Временските услови како да пробаа да ги разнишаат нашите планови за тој ден. Додека кружевме околу домот, надевајќи се дека сепак ќе го направиме качувањето – од карпестата почва, ете ги, ѕиркаат цветови на еделвајс (планика, рунолист, леден цвет). Да отидеш на Алпи и да не видиш еделвајс е исто како да не си бил таму. Овој ендемичен див цвет, кој во Словенија има заштитен статус има и длабока љубовна симболика. Порано мажите ја докажувале вечната љубов и посветеност на жените кои ги сакале, носејќи им цвет од планика бидејќи не овенува и цути на големи височини и стрмни планински предели, при што самото стигнување до ова цвеќе било за мажите предизвикувачка потрага која на тест ја ставала нивната издржливост и жртва. Еден цвет за жената како ветување за вечна љубов.

Горан пресекува – сепак одиме кон врвот Мангарт (2679 м.н.в., граничен врв меѓу Италија и Словенија). И проценката беше одлична зашто кратко по почетокот на нашето качување денот се отвори. Влеговме во комбето и се искачивме до мангартското седло на 2055 м.н.в. по патот кој е воедно и највисокиот асфалтен пат во Словенија. Од седлото брзо пристапивме до фератата, ја ставивме опремата на нас и тргнавме нагоре по карпата. Јужниот ветер ги растера дождливите облаци. За разлика од претходниот ден, оваа патека е многу попосетена и среќаваме луѓе, меѓу кои татко со мало детенце (околу 5-6 години) врзано со јаже за него. Двајцата качуваат и нè поминуваат поздравувајќи нè. Додека кај нас малите деца се чуваат во стаклени ѕвона и развиваат алергии од зеленило и пролет, во Словенија од мали нозе се учат да ја сакаат и почитуваат природата, да живеат со неа, учат на совладување предизвици и на издржливост. Ако кај нас децата викендите ги поминуваат во Градски парк како квази-тампон зона меѓу ауспусите и ПМ10 честичките, нивните словенечки врсници ги освојуваат највисоките врвови. Патеката одлично маркирана и обезбедена, со прекрасен поглед кон седлото и домот кој го оставивме зад нас. Качувањето – вистинско уживање, на врвот – дрвен крст, граничен камен и ветерче. Враќањето го направивме од италијанската страна, по „виа нормале“ рутата, на места обезбедена со кратки ферати, на делови кои и не се многу изложени, па иако доаѓаат како фина помош, може и да се игнорираат. Според мојот ГПС запис, искачени се 825 метри во 7,1 km за околу 5.30 часа вкупно вклучувајќи ги сите паузи.

Третиот ден е ден за помала надморска височина. Веќе сме префрлени во долината Врата под Триглав, во источни Јулиски Алпи, во прекрасниот Аљажев планинарски дом (990 метри) каде од едната страна надвиснува Триглав – кралот на Алпите со неговата Северна триглавска стена, а спроти него Шкрлатица – кралицата. Во средина, ние малечки се восхитуваме на џиновите кои сонцето ги бои со портокалов сјај на изгрејсонце и залез. Прогнозата најавува дожд попладнето, па денот го искористуваме за други активности. Прво ја посетуваме ски-леталницата Планица, позната како словенечката 250-метарска „снежна кралица“ на која од 1934 година до 2005 година се поставени дури 40 светски рекорди во должина на лет. До 2012 година Планица е и најголемата леталница во светот. Додека и во лето, многу ски-летачи ги прават своите тренинзи, ние ја искористуваме леталницата за друго – да го пробаме најстрмниот зип-лајн во светот, 566 метри спуштање со брзина до 85km/h. Оттаму, на ручек покрај Бледското Езеро, докупување на спортска опрема и припреми за Шкрлатица. Сепак, вечерта ја ревидираме програмата – наредните два дена се планирани качувања со големи висински разлики од над 1900+ метри, па водичот одлучува Шкрлатица да остане за наредна прилика. Наместо тоа, наредниот ден се упатуваме по планираната патека, но по 1000 искачени метри, на 1900 метри надморска височина, под бивакот IV, го завршуваме качувањето. Сепак, не заминуваме веднаш. Убавиот ден го искористуваме за пладневна дремка под сонцето на една карпа, а на сипарот до нас повремено ќе претрча некој козорог или ќе слушнеме звук на мрмот. Освен една девојка која ја сретнавме по пат, тој ден не сретнавме никој друг на патеката кон Шкрлатица. Од горе имаме прекрасен поглед кон целата долина Врата, зеленило подредено во совршена U форма. Некаде таму и нашето домче. Тажно е што ни претстои нашата последна вечер во него. Утредента нè чека качувањето на Триглав (2864 м.н.в.) и крајот на нашата вертикална авантура.

Стануваме сред ноќ, за да тргнеме во 4.30 часот. Челни лампи на глава, мал товар на грб, камчињата крцкаат под кондурите во тишината и темнината. Горан ја одбрал Томиншкова патека за качување до домот Кредарица. Од долината искачуваме по стрмна тесна патека низ шума. После еден час излегуваат првите сончеви зраци и ја бојат Шкрлатица отспротива во злато. Шумата завршува и почнуваат првите секции на фератата. Ја ставаме опремата и еден по друг одиме нагоре. Горан прв, ние зад него. По пат среќаваме други планинари, Столе кој е на опашот на нашата колона ги замуабетува и им нафрла по некој совет – каде да стават нога, како да се закачат за сајла. Денот и идеален, па се опуштаме максимално, фотографираме, се восхитуваме на вегетацијата и цвеќињата што си го нашле својот пат низ процепите на карпите. Фератата завршува, минуваме низ краток сипар и излегуваме на илјадници години стариот Триглавски глечер, последен глечер во Словенија. И тој, како многу други, веќе во заминување. Местото каде славниот Борис Крижај ги правел тренинзите, денес ги брои последните години на постоење. Се сликаме, а мене ми се врти во глава како еден ден, за жал,  со таа слика ќе ги убедувам моите деца дека, ете, не лажам, некогаш навистина таму имало мраз и снег и во јули. Стигнуваме до Кредарица, го оставаме товарот и правиме слики пред финалното качување кон мал и голем Триглав. Се собираат облаци, ама ги игнорираме. Фератата од Кредарица до Триглав го нема мирот, спокојот и убавината што ги искусивме минатите денови на Јулиските Алпи. Гужва од планинари, кој нагоре, кој надолу, разминувањето оди потешко отколку што мислевме. Се среќаваат луѓе од многу земји, се создава врева. Туристичко жариште. И карпите се поинакви – наместо сива боја добиле жолтеникава и се измазниле од илјадниците раце и стапала кои поминале по нив. Го поминуваме Мал Триглав, мало спуштање и последен напон кон Голем Триглав. На него, Аљажев столб – симболот на Словенија, словенечката нација и територијалниот суверентитет, метален кафез кој Јакоб Аљаж го поставил во 1985 година на врвот за заштита од невремиња, откако го откупил самиот врв за еден динар. Некој се слика, некој пие пивце, а облаците веќе се собрале. Првите капки на кожа се знак дека мораме истиот миг да тргнеме надолу. Ама, малку задоцнивме. Дождот не фати на седлото меѓу двата врва, па симнувањето стана значително потешко. Ние накиснати како глувци, карпите намокрени и двојно полизгави. Мора да се внимава многу. По пат сретнуваме двајца Срби на пат нагоре, на кои Горан им препорачува да се вратат назад бидејќи времето не е одење нагоре. Тие, за среќа, разбрани луѓе, па со асистенција на Христијан и Ивана и тие се симнуваат безбедно со нас. Врвот ќе им остане за друг пат. Се исушивме во Кредарица и преноќивме. Искачивме висина од околу 2200 метри за околу 10,5 часа, на патека од околу 12km.

Дождот продолжи цела ноќ, а не престана ниту следниот ден, додека се симнувавме од другата страна на Триглав, во долината Крма. Јас викам, ете, како да плаче планината што си одиме. Но, сепак ни дозволи да се качиме и да ја направиме целата тура баш како што сакавме. Шкрлатица – кралицата, ни остана неискачена и добро што е така, уште веднаш да имаме причина што ќе не влече повторно кон височините на Јулиските Алпи, кон нови авантури.

Напишала: Елена Ѓорѓиевска

Фотографии: Горан Николоски

1

2

Монтаж

3

Селфи со Козорогот

4

 

5

Монтаж (2754 м.н.в.)

6

Пипанови скали

 

7

Нашиот Херкул – Стојан Х.

 

8

“Оди сега нагоре, бидејќи си спремен” од „Чистилиштето“ на Данте Алигиери

Edelweiss

Edelweiss, Планика, Рунолист, Леден цвет

 

9

Кон Мангарт

 

10

Татко и син кон Мангарт

11

Мангарт (2.679 м.)

12

Зип линија на Планица

13

Блед

14

Триглав под месечината

15

Томиншкова пот – ферата, кон Триглав

16

Снег под Триглав

17

По сртот кон Триглав

18

Триглав (2864 м.)

19